Екипата од престојниот музичко – сценски спектакл „Музика Универзалис“, беше во посета на Охрид. Детроитската култна фигура, диџејот Дерик Меј, кој ќе настапи на 2 август заедно со Македонскат филхармонија во Античкиот театар во Охрид, го посети градот, каде за првпат има настапувано со свој диџеј сет на 15 јули 2000 година. Во посета на градот со него беа и идејниот творец и продуцент на настанот Огнен Узуновски (сопственик на продуцентската куќа „Излет мјузик), како и режисерот Игор Иванов, кој е задолжен за визуелното обликување на концертот.
Екипата во Охрид ги дефинираше првичните подготовки, го разгледуваше просторот и можностите на беспрекорната акустика, која ја нуди Античкиот театар. Покрај работните обврски, американскиот диџеј маг се потсети на убавините на нашата земја, се напи вода од охридските извори, ја вкуси охридската пастрмка и уживаше на плажата во Трпејца.
Имено, на 2 август во Античкиот театар, под отворено небо, љубителите на музиката, ќе имаат можност да присуствуваат на несекојдневен музичко-сценски спектакл насловен „Музика Универзалис“. Легендарниот ди-џеј и еден од пионерите на детроитската техно-сцена, Дерик Меј, ќе настапи заедно со Македонската филхармонија, а за оркестарските аранжмани на музиката на Меј, е задолжен македонскиот музички уметник Емин Џијан. Оркестарот ќе биде збогатен и со магичниот звук на пијаното, во изведба на нашата афирмирана пијанистка Емилија Потевска. Од организацијата најавуваат досега невидено шоу на овие простори. Концертот ќе претставува фузија од електронска и класична музика, фантастични светлосни ефекти, видео и аудио поддршка, специфични костими.
Дерик Меј е познато име за македонската публика. Тој е еден од пионерите на техно-сцената во Детроит, а критиката го нарекува Мајлс Дејвис во светот на техно-музиката поради неговиот оригинален, комплексен и меланхоличен стил. Од ладните и безживотни машини, Меј создава топлина, продуховеност и фантастична инспирација. Неговите настапи се познати по тоа што тој има ретка моќ публиката да ја доведе до лудило. Овој негов најнов проект со симфониски оркестар, ќе ја соедини артифициелната музика со благородниот звук на класичните инструменти.