Поранешниот пејач на групата „Бјело Дугме“, Младен Војичиќ – Тифа покрена тужба против музичкиот менаџер Рака Мариќ поради „изречени обвинување без основа со цел да се дискредитира неговата личност“.
Познатиот пејач ја поднел тужбата затоа што Мариќ, наводно, рекол дека Тифа го „лажирал нарко тестот“ на кој претходно бил подложен.
Расправијата меѓу нив започна по најавата дека некогаш најпопуларната и најуспешната рок група од поранешна Југославија „Бјело дугме“ планира серија концерти во Сараево, Белград и Загреб, за да ја одбележи 40-годишнината од своето формирање.
За учество на турнејата, Тифа побарал хонорар од 30.000 евра, но Мариќ, како предуслов од него барал да донесе потврда дека повеќе не зема дрога.
Пејачот се согласил со тој услов и обезбедил таква потврда.
Кога изгледаше дека се е средено, неколку весници во Босна и Херцеговина и во Србија објавија дека Тифа „го лажирал нарко тестот“ и како извор за таквото тврдење го посочија Мариќ.
Во изјава за неколку сараевски медиуми, Мариќ тврди дека не рекол нешто такво и дека е погрешно интерпретиран од весниците.
– Тоа не се мои зборови, затоа што јас само барав Тифа да изврши тест на наркотици, во Сараево или во Белгард и во мое присуство, изјави Мариќ за сараевски „Дневен Аваз“, објаснувајќи дека тоа го барал за да се одбегне секаков ризик околу турнејата на „Бјело Дугме“ која би требало да биде голем проект.
Тифа и неговиот адвокат кои поднесоа тужба и против весниците што ја објавија „дискредитирачката“ изјава на Мариќ, бараат од него да даде демант во истите тие весници, со што би покажал дека навистина е погрешно цитиран, но познатиот менаџер тоа не го направи.
Судирот меѓу Тифа и Мариќ се совпаѓа со најавата од Горан Бреговиќ, основачот и фронтменот на „Бјело Дугме“ дека четири деценискиот јубилеј ќе го одбележи со серија концерти низ поранешна Југославија.
Првиот е најавен за 14 јуни, во Љубљана, на кој како солист ќе се појави Ален Исламовиќ.