Музичарот Горан Бреговиќ во Сараево основа фондација „Горица-Горан Бреговиќ“ со намера да ги поддржи и материјално да им помогне на учениците и студентите од ромска националност во БиХ, кои имаат желба, а не се во можност музички да се образуваат.
Популарниот Брега истакна дека Ромите се музички многу талентиран народ и дека музиката им е составен дел од животот, но дека повеќето од нив се без музичко образование.
Во текот на следниот месец на официјалната страница на Фондацијата (gorica.org) ќе бидат објавени апликации, а конкурсот за стипендии ќе биде во јануари следната година.
Месечната стипендија за учениците од нижите музички училишта ќе изнесува околу 50 евра, за средношколците околу 100 евра и за студентите околу 150 евра. За оние кои не се од Сараево ќе им биде обезбедено и сместување.
Бреговиќ и пред основањето на Фондацијата со својата уметничка работа им даваше поддршка на Ромите, а неговата кариера, по „Бјело дугме“, главно се заснова на ромската музика и култура.