Музичарите Благој Маротов и Бојан Маротов на 6-ти и 7 октомври ќе гостуваат на филмскиот фестивал „Златен портокал“ во Анталија, Турција, каде што во живо ќе ја изведат музиката за ДВД-то од филмовите на браќата Манаки.
Маротови ја напишаа и снимија музиката по нарачка на Кинотеката на Македонија, која го дигитализираше и реставририраше целокупниот опус на браќата Милтон и Јанаки Манаки, првите сниматели на Балканот, основоположници на македонската филмска историја.
Дигиталната реставрација на филмското наследство на браќата Манаки во текот на 2012 и 2013 Кинотеката на Македонија го направи во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта.
Кинотеката го промовираше ДВД-то на 16 септември во Битола, на 34. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Маротови од двата настапа во Анталија очекуваат добар прием кај турската и кај светската публика. Покрај нивните изведби, ќе има и изложба на фотографии „Браќа Манаки“ и семинар „Браќата Манаки: балкански сликари на светлината“.
„Златен портокал“ (Altin Portakal Film Festivali) е најзначаен филмски фестивал во Турција, кој се одржува од 1963-та, а оваа година трае од 4-ти до 11 октомври.