Владата неофицијално ги информираше медиумите за нивните следни чекори во врска со францускиот предлог. Иако се уште не е дефинитивно одлучено сепак постои можност истиот да не биде изложен пред пратениците туку да се прифати на седница на Влада после консултациите со претседателот на државата и другите чинители во домашната политика.
,,Владата може сама да донесе одлука по однос на предлогот, сепак ќе биде побарано мислење и од Собранието, кое самото треба да реши дали тоа ќе го стори на пленарна седница или за документот ќе се произнесат надлежните собраниски комисии,, беше речено на денешниот брифинг
Личен став на Османи е дека Собранието за тоа веќе се има изјаснето, но ќе се остави на партиите да проценат како тоа да се изведе. Но нагласи дека најверојатно во Собранието би се гласало со просто мнозинство.
За Премиерот Ковачевски најважно е, а и тоа е намерата на Владата, да се има широк консензус за ова прашање.
„Потребен е широк консензус за носење на одлука, за тоа дали ќе тргнеме таму каде што сме се определиле уште 1990 година или ќе талкаме по Балканот и да се занимаваме со работи кои младите генерации не ги ни разбираат, Драго ми е што во Брисел го одбив предлогот и не излегував потоа во јавност за да приберам евтини политички поени. Сега има предлог на маса каков што сакаме“, вели премиерот Димитар Ковачевски на средбата со претставниците на медиумите.
Ковачевски не одговори директно на новинарското прашање „што е она најболно од францускиот предлог за македонската страна, која е таа најголема ‚кнедла’ што треба да се проголта, нагласувајќи дека тој не мора ништо да прифати, туку за прашањето ќе одлучат сите засегнати во државава.
Владните преставници најавија нов брифинг за новинарите на кои ќе го образложат протоколот кој треба да го потпишеме, а очигледно е дека тука е стапицата. Но на денешниот состанок со новинарите премиерот Ковачевски и министрите Османи и Маричиќ дадоа дообјаснувања само за предлогот кој според нив е по теркот на македонските барања и најголем успех е што протоколот не е во него.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи ги објасни деталите на предлогот.
„Ние не се трудевме да го смениме мислењето на Бугарија, туку да им објасниме на европските партнери дека тоа е неприфатливо и тие да не го прифатат гледиштето на Бугарија да стане и европско.Во предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите имаме чиста формулација за македонскиот јазик, без никакви додавки и објаснувања“ рече министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Тој додаде дека единствено при состанокот на меѓувладината конференција Бугарија ќе може да поднесе забелешка во врска со јазикот која ќе влезе во записникот на конференцијата, но не и во самата рамка
Таа забелешка на бугарскиот претставник ќе биде дека македонскиот јазик е еден од шесте дијалекти на бугарскиот, но од Владата тврдат дека тоа ќе биде само еднаш, значи таа ќе влезе само во записникот при усвојувањето на преговарачката рамка.
„Забелешка во однос на јазикот на самата конференција може да поднесеме и ние – и таа, исто така, ќе влезе во записникот но најважно е што бугарската забелешка ќе е само тоа ,,забелешка“ и нема да има никакви правни последици понатаму ниту пак ќе ја има повторно во друг документ на ЕУ.“ вели Османи
Со изменетиот француски предлог, Македонија повторно добива две меѓувладини конференции за почеток на пристапните преговори со ЕУ и мали промени во формулациите во однос на првичната верзија. Протоколите од Меѓувладините средби повеќе не се споменуваат во Преговарачката рамка, а заменети се со „годишни прегледи“.
Она што може да се заклучи од овој документ е дека прво ќе се одржи една меѓувладина конференција со која ќе започне отворањето на преговорите, но тоа нема да биде комплетирано се додека не бидат Бугарите внесени во Уставот.
„Се најде компромисно решение да почнат преговорите сега, а пред отворањето на првиот кластер – да почнат промените во Уставот“, објасни Османи. Всушност, втората меѓувладина конференција ќе биде кога ќе се направат измените во Уставот.
Но според владините преставници ова не е проблем зошто паралелно ќе започне и скринингот за Македонија кој трае околу една година, значи нема да чекаме прво промена на уставот па да започнеме со скринингот туку веднаш, објаснуваат владините преставници.
,,Со новиот предлог, преговорите почнуваат со одржувањето на првата меѓувладина конференција кога ќе стартува и процесот на скрининг и во кој период треба да извршиме промена на Уставот со која во Преамбулата и во Амандманот 12, во делот каде покрај македонскиот народ се наведени припадниците на останатите народи што живеат во земјава би се додале и Хрватите, Црногорците и Бугарите. Со завршување на овие процеси по автоматизам ќе се одржи втората меѓувладина конференција и почнуваат преговорите по кластери, објаснува Османи
Османи вели дека во рамката има еден дел за етнички права, што е содржано во Копенхашките критериуми, и всушност секоја земја тоа го добива во преговорите.
„Во рамката има еден дел за етнички права, тоа е содржано во Копенхашки критериуми и секоја земја го добива во преговорите. Во нашата рамка е спуштен како посебен акциски план бидејќи ни требаше компромис. Но во содржината никаде ексклузивно не се споменуваат Бугарите, туку се однесува на сите односи. Во делот на добрососедски односи содржани се двата договора со Бугарија, кои и досега биле предмет на преговори. Тука тие инсистираа на посебно поглавје, а Французите предложија да стои услов за Договорот за добрососедство и протоколите. Ние тоа не го прифативме. Во новиот договор решението е компромисно и прегледите се извештај на работата на двете влади на годишно ниво, вели Османи.
Во заклучоците стои дека на патот на Северна Македонија кон членство во Европската Унија, Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување со добра волја билатерални договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Билатералните протоколи за кои власта потврди дека се усогласени со Софија стануваат годишни прегледи за ефективна имплементација според Членот 12 од Договорот за добрососедство“.
Прегледите се извештај на работата на двете влади на годишно ниво но од Владата објаснуваат дека ниту Преспанскиот ни договорот со Бугарија нема да влезат во преговарачката рамка. Но, никој не гарантира дека Бугарија нема да може да направи проблеми за некои други прашања, а тоа може да го направи и друга земја членка, вели Османи.
Но за преставниците на власта, дури и да има забелешки од Софија, успех е што за тоа ќе одлучува Европската комисија, а не Бугарија. А комисијата ќе се фокусира генерално на веќе воспоставени европски правила за добрососедство, права на малцинства и така натаму, а не на договорот за добрососедство конкретно.
Пакетот има европска и билатерална компонента. Билатералната компонента е протоколот и тој веќе не е во еворпскиот пакет, туку е билатерален со Република Бугарија, но е дел од овој процес за Бугарија да даде согласност за пакетот, вели Османи.
,, Ние имаме гаранција тоа што сме го прифатиле и ратификувале во нашето Собрание ќе го исполниме, ништо повеќе од тоа. Другите прашања ќе ги решаваме во билатерален формат со Бугарија. Секако дека било која држава членка на ЕУ, во било кој момент од процесот доколку одлучи може да блокира. Тоа се покажало на други држави повеќепати, но ние имаме гаранција дека имаме напишано на хартија сите наредни чекори и сите формати и механизми на решавање на разликите. Тоа ни е гаранција дкеа нема да може своеволно било која држава, во случајот и Бугарија да се повикува на ветото доколку ние си ги исполнуваме обврските и преговараме така како што ни е одредено во преговарачката рамка, појасни вицепремиерот Бојан Маричиќ.