Едно од најпрепознатливите телевизиски лица од Италија, чија популарност далеку ги надминуваше границите на родната земја, Рафаела Кара, почина две недели по нејзиниот 78-ми роденден, потврди нејзиниот партнер Серџо Јапино.
„Рафаела нѐ напушти. Отиде во подобар свет, каде нејзината хуманост, нејзината непогрешлива насмевка и нејзиниот извонреден талент засекогаш ќе блескаат“, изјави Јапино.
Италијанските медиуми пишуваат дека Кара подолго време била болна, но не сакала медиумите да пишуваат за тоа, туку да остане запаметена по позитивната енергија и заразната насмевка.
Рафаела Кара учествуваше во стотици италијански телевизиски емисии, сними десетици филмови, снимаше и во Холивуд, каде во 1965 играше во филмот „Експресниот воз на Вон Рајан“, заедно со Френк Синатра. Во младоста отпеа и неколку интернационални музички хитови. Во 2013 година, по подолга пауза, повторно се појави на малите екрани, како менторка во едно талент-шоу, а истата година го објави и својот последен албум во плодната музичка кариера, „Риплеј“.
Кара е родена на 18 јуни 1943 година во Римини. Освен во Италија, уживаше најголема популарност во Шпанија и во цела Латинска Америка, но и во земјите од Балканот и поранешна Југославија.