Италијанскиот премиер Марио Драги и неговата сопруга Марија Серенела Капело денеска ги добија првите дози од вакцината на „АстраЗенека“, во услови кога Италија ја интензивира кампањата за вакцинација.
Драги и неговата сопруга, кои имаат по 73 години, вакцините ги примиле во големиот центар за вакцинирање поставен на главната железничка станица во Рим, се наведува во краткото соопштение на кабинетот на премиерот, а пренесува „Ројтерс“.
Mario Draghi e la moglie si sono vaccinati con AstraZeneca a Roma https://t.co/UPMLcuGOlG
— الناشر (@AmegidAbd) March 30, 2021
Според последните податоци, Италија, која има околу 60 милиони жители, целосно вакцинирала 3,04 милиони луѓе, додека други 3,6 милиони ја примиле само првата вакцина.
Италија дава околу 250.000 вакцини на ден, но Драги рече дека тој број ќе се удвои во април.
Италија беше меѓу неколку европски земји кои ја паузираа употребата на вакцината на „АстраЗенека“ на почетокот на овој месец, по извештаите за околу 30 случаи на згрутчување на крвта во мозокот на луѓето кои неодамна ја примиле вакцината.
Сепак, повеќето земји продолжија да ја користат вакцината на „АстраЗенека“ откако Европската агенција за лекови соопшти дека нејзините придобивки ги надминуваат ризиците.