Легендарниот француски електронски двоец „Дафт Панк“, еден од највлијателните електронски бендови во историјата, преку видео насловено „Епилог“, објави дека престанува да функционира, по речиси 28 години постоење.
Групата основана во Париз, која се состоеше од Ги Мануел де Омем-Кристо и Томас Бангалтер, ги потврди гласините околу распадот на групата кои кружеа извесно време. Видеото со кое тие се простија од фановите, всушност е извадок од нивниот научнофантастичен филм „Електрома“ од 2006 година.
„Дафт Панк“ се формира во 1993 година и низ годините имаше клучно влијание врз растечката хаус и техно сцена во Европа, а подоцна и врз целокупната поп музика во светот, со хитови како “Around the World”, “One More Time и “Get Lucky”.
На почетокот на милениумот, членовите на бендот прифатија нов имиџ, секогаш и секаде носејќи препознатливи кациги, а во исто практично се повлекоа од јавноста, појавувајќи се исклучиво на настапи и нивни ексклузивни перформанси. Нивниот последен албум, „Random Access Memories“ од 2013 година, на кој гостуваа плејада познати музичари, им донесе серија награди „Греми“ и го зацврсти местото на „Дафт Панк“ меѓу најважните состави на модерната музика.