Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вели дека казната од 45 евра за возачот на Бентлито кое влета на плоштадот, е само првична казна, а ќе следува и друга поголема.
„Постојат и елементи на кривично дело и тоа ќе биде процесуирано“, објасни Шилегов за возењето на плоштадот Македонија кој е пешачка зона.
Тој сепак вели дека е задоволен што властите веднаш реагирале и вели дека казната од 45 евра е само почеток за возачот на „Бентли“.
„Она што е минимумот, тоа е прекршочна постапка и издавање на глоба од 45 евра“, рече Шилегов.
Претходно денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека казната од 45 евра за ваквото дело е прениска и дека треба да се промени Законот со што би се предвиделе подрастични казни за ваквите случаи.