На социјалните мрежи е објавена снимка од сетот на филмот „Невозможна мисија 7“ на која се гледа како познатиот американски актер Том Круз гневно реагира кон луѓето од екипата на филмот, кои наводно не ги почитувале протоколите и заштитните мерки против ширењето на коронавирусот.
На аудио снимката, очигледно забележана тајно, прославениот актер и продуцент не ги штеди пцовките и погрдните зборови за неколкумина вработени на снимањето на филмот, кои наводно се собрале околу еден компјутер, не носејќи заштитни маски и не почитувајќи ги препораките за физичка дистанца.
Tom Cruise went ballistic on the Mission: Impossible 7 crew for breaking COVID protocols…pic.twitter.com/WbIpVlja7w
— Rex Chapman?? (@RexChapman) December 16, 2020
„Уште еднаш направете го тоа и отпуштени сте. Ако било кој во екипата тоа го направи – крај, без извинување! Немојте тоа е*ено да го направите уште еднаш! Нема да го зае*еме снимањето на овој филм. Дали ви е јасно?“ – вреска 58-годишниот актер кон колегите-филмаџии.
Претставникот на Круз за односи со јавноста одбил да ја коментира снимката, но се огласија дел од неговите колеги-актери.
Џорџ Клуни, во интервју за радио шоуто на Хауард Стерн, рече дека не мисли оти реакцијата на Круз била претерана, затоа што непочитувањето на заштитните мерки во Холивуд навистина е проблем.
„Јас немаше да направам толку голема работа од тоа. Немаше да издвојувам луѓе. Кога сте на позиција на моќ, тоа е незгодно, знаете? Имате одговорност за сите други, а тој е апсолутно во право за тоа. А, ако пропадне продукцијата, многу луѓе ќе ги загубат работните места. Луѓето мора ова да го разберат и да бидат одговорни,“ рече Клуни.
Седмото продолжение на „Невозможна мисија“ беше една од првите холивудски продукции што запреа во февруари поради пандемијата. Снимањето продолжи овој месец.