Во Општина Бутел се гради најголемата социјална зграда со 312 станови која ќе овозможи покрив на глава на голем дел од социјално ранливите категори. Градежните работи почнаа во март годинава, а ќе завршат во март 2023 година. Вредноста на објектот изнесува 441,5 милиони денари, информираше денеска премиерот Оливер Спасовски при увидот на градежните работи на терен.
За лицата со попречености се предвидени прилагодливи станови со соодветен пристап пред влезовите, како и посебни паркинг места.
-Со овие капитални проекти го враќаме достоинството на граѓаните со социјални мерки за извлекување на илјадници наши граѓани од сиромаштија со решавање на станбеното прашање на многу семејства. Ова е дел на нашата стратегија за зајакнување на ранливите заедници за квалитетен живот и способност за справување со пречки се со цел поголема благосостојба на граѓаните. Владата презеде поголем дел од обврските во општините во реализација на овие проекти со цел да ја поддржи улогата на локалните власти во справување на сиромаштијата и социјалната обесправеност и за создавање на капацитети и ресурси во функција на градење на социјална кохезија. Го гарантирантираме и правото на домување за време на кризата предизвикана од коринавирусот преку превенција на насилно иселување од домовите со извршување или активирање на хипотеки на лицата кои претпрпеле финансиски штети, изјави Спасовски.
Тој информираше дека е во тек изградба на социјални згради и во Пробиштип, Свети Николе, Неготино и Виница, како и дека се готови плановите за уште осум такви објекти во исто толку општини од кои повеќето ќе добијат првпат згради со социјални станови. За споредба, како што рече, од 2011 до 2017 односно за шест години биле изградени 678 социјални станови, а од 2017 до 2020 се изградени или се во тек на изградба 897 станови.
Како што најави Кристијан Трајковски, директор на АД во државна сопственост за стопанисување со станбен и деловен простор, за 20 дена треба да завршат постапките за најавените згради кај кои инвеститор е државата, а до крај на годината ќе стартува планираната изградба на сите планирани станови за социјални категории.
– И за годинава очекуваме целосна реализација на капиталните инвестиции во делот на социјалните станови, наведе Трајковски.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески оцени дека изградбата на социјалната зграда со 312 станови е пример за грижата на Владата за решавање на проблемите на најранливите категории.
-На ваков начин им помагаме на граѓаните. Ова не се случува само тука, туку и во Неготино, Пробиштип, Виница и во многу други места ќе се прават и во наредниот период. Продолжуваме со Демир Капија, Дебар, Гевгелија, Пехчево, Прилеп… Целта е да изградиме голем дел социјални станови што ќе помогнат во решавањето на егзистенцијалните прашања на граѓаните, изјави Сугарески.
Според Спасовски, како дел од грижата за јавното здравје се вложува во капитални проекти, а меѓу нив е и изградбата на нова поликлиника во Општина Бутел.
– Општина Бутел во соработка со Министерството за здравство договори итна изградба на поликлиника во општината, средства се обезбедени и се чека измена на ДУП-от за да може општината да издаде одобрение за градба и да стартуваат работите. Новата поликлиника ќе ја замени старата амбуланта изградена во 1964 година, рече Спасовски, потенцирајќи дека во Општина Бутел се работи и на локалната инфраструктура.
Во Општина Бутел, укажа министерот Сугарески, се работи на голем број проекти, меѓу кои и во индустриската зона во Визбегово каде се градеше канализациски и водоводен систем и се подобруваа условите за бизнисмените и граѓаните. Преку Министерството за транспорт и врски се одвојуваат и дополнителни средства за изградба на локални улици и патишта за кои општината веќе аплицирала.
Како што соопшти градоначалникот на Бутел Велимир Стојковски, меѓу останатото, во зоната Визбегово се издадени повеќе од 40 одобренија за градба на деловни објекти, изградена е водоводна мрежа во должина од 13 километри, канализациска од девет километри.