Лејди Гага и организацијата „Глобал ситизен” собраа 35 милиони долари за борбата против коронавирусот. Ќе се организира и специјална ТВ-емисија, каде што ќе учествуваат Пол Макартни, Стиви Вондер, Били Ајлиш и други познати пејачи, под наслов „Еден свет – заедно дома“.
Лејди Гага изјави дека парите ќе бидат наменети за Светската здравствена организација (СЗО).
– Пред сѐ, треба да ги славиме луѓето што се во првите борбени редови – здравствените работници!, истакна Лејди Гага во видео-конференција денеска. Таа притоа рече дека претстојната манифестација не е за собирање парични средства, туку, едноставно, за потенцирање на важноста на човековата издржливост и храброст – кога е најпотребно, да се остане дома.
Емисијата ќе се емитува на 18 април во 20 часот во часовната зона на источниот брег на САД. Преносот ќе оди на телевизиите АБЦ, НБЦ, ЦБС, Ај-Харт-Медија и Бел Медија.
Домаќини на емисијата ќе бидат водителите Стивен Колбер, Џими Фалон и Џими Кимел. Повеќечасовната програма ќе ја пренесуваат и стриминг-платформите Јутјуб, Епл, Фејсбук, Инстаграм, Твитер. Меѓу гостите се и Елтон Џон, Дејвид Бекам, Џон Леџенд, Еди Ведер, Кери Вашингтон, Крис Мартин од „Колдплеј“, Лизо, Џеј Балвин, Андреа Бочели и Малума.
Идрис Елба и негова сопруга Сабрина Елба, обајцата позитивни на коронавирусот, исто така, ќе учествуваат во специјалната емисија.
СЗО соопшти дека идејата за сѐ ова потекнала од Лејди Гага.