Премиер лигата нема да биде прекината како што е случај со швајцарското фудбалско првенство, но една од опциите е натпреварите да се играат пред празни трибини доколку дојде до ширење на коронавирусот во Англија.
Ова е заклучок по кризниот состанок меѓу претставници на Фудбалската Аосоцијација (ФА) и на Премиер лигата. Двете организации во одлуките, сепак, ќе се водат од владините препораки за јавно здравје пред да преземат било каква мерка.
„Премиер лигата и ФА се свесни дека клубовите ќе имаат милионски загуби, а дополнителен проблем се и термините доколку натпреварите се одложат. Затоа е истакната потребата од солидарна исплата на клубовите ако мечевите се играат зад затворени врати“, пренесуваат британските медиуми.
За ФА е проблем и договорениот пријателски натпревар против Италија што е закажан на 27 март на „Вембли“.