Убавата Ана ги оживеа восочните фигури на членовите од групата „Суперхикс“. Поминувајќи пред излогот каде што беа поставени фигурите, Ана им го сврте вниманието на момците и ги натера да запеат за неа.
Доколку се прашувавте претходните неколку денови каде се поставени нивните восочни фигури, одговорот е следен: Суперхикс снимија нов музички спот за песната „Ана“.
Во спотот тие се восочни фигури, комплетно прекриени со пајажини, заборавени од сите и оставени на забот на времето. Но, момците оживуваат благодарејќи на една Ана која што ја глуми Сара Анастасовска. Ана вози велосипед и продава букети цвеќиња на минувачите пред излогот каде што се поставени восочните фигури. Спотот е позитивен и разигран, а текстот певлив и инспиративен. Несомнено, ова е нов хит на легендарната музичка група!
Целосната замисла на концептот за спотот е на Суперхикс, а е во продукција на „Фокус Покус Филмс“. Сценографијата е на Вања Бартлинг, со асистенција на Андреј Бартлинг, Димитар Јакимовски, Александра Петкова, Симо Бранов, Борис Минов. Костимографијата е на Жаклина Крстевска, а шминката која што ги долови восочните лица на членовите на Суперхикс е на Златица Поповска.
Режијата и монтажата на видеото е на Благоја Неделковски, како кинематографер се појавува Димо Попов М.А.К., а асистент на камера е Раде Гогоски. За светлото се погрижија Тоде Ивановски и Александар Бошев (Про Лајт), а целосната организација е на Никола Христовски и Методија Лазаревски. Големи благодарности упатија до Никола од Ван Гог за учеството, идеите и мотивацијата кои што придонеле за успех на проектот.
Целосната екипа која што работеше на музичкиот спот е задоволна од успехот и креативноста на целиот проект и резултатите од него затоа што видеото е иновативно и необично.
Суперхикс продолжуваат со работа и во овој век, со турбо работа, нови песни и спотови за своите фанови, но и за новите генерации кои што доаѓаат. На крајот порачуваат дека секој треба да си има една „Ана“ која што ќе го оживее и ќе му даде желба за творење.