егендата на забавната музика која ги постави темелите на поп правецот во Македонија Драган Мијалковски на 6 март ќе одржи концерт во Универзална сала. Придружуван од ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија, Мијалковски со концерт ќе го одбележи своето враќање на македонската музичка сцена.
– Сметам дека моите долгогодишни поддржувачи, фанови и вљубеници во мојата музика заслужуваат да ме видат по подолго време во моето препознатливо светло и да ги слушнат во живо хитовите што ја одбележаа нивната генерација и со кои зачекорија во светот на возрасните. Емоциите се присутни насекаде, а возбудата расте секој ден сè повеќе и повеќе како започнуваат подготовките околу концертот, изјави Драган Мијалковски.
Особено ми претставува задоволство, нагласува тој, што придружбата која ќе ме прати во текот на целата вечер е ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија, врвни музичари и големи професионалци.
Ревискиот оркестар ќе ги засвири познатите звуци на песните на Мијалковски под диригентската палка на Кире Костов. Како гости на вечерта, кои со своето присуство дополнително ќе го подигнат амбиентот во Универзална сала се евровизискиот претставник Влатко Лозановски и Тамара Тодевска.
Драган Мијалковски, во текот на својата долгогодишна музичка и естрадна кариера има отпеано голем број на хитови. Публиката ќе има можност во живо да ги слушне „Кажи ми“, „Кажи нешто драга“, „223 – 305“ и најновата со која се претстави на Скопскиот фестивал 2012, „Било кој“.