Во Гостивар, кон крајот на јули и почетокот на август ќе се организира музички фестивал „The Park Festival“. На шестте фестивалски вечери, во градскиот парк на четири сцени ќе настапат емининтни состави и артисти.
Според организаторите „Inbox Entertainment“, листата на учесниците е утврдена и се работи на техничките детаљи, за како што велат, овој фестивал биде што поуспешен и да стане традиционален.
– Станува збор за мега-проект што тежи околу 70 илјади евра, од кои 50 илјади евра финансира Министерството за култура во рамките на годишната програма. Со десет илјади евра го поддржува Општина Гостивар и десет сопствени средства. Според програмата и учесниците, фестивалот има мултиетнички карактер, а ќе настапат познати имиња од земјава и од странство, вели Јетон Весели, директор на Фестивалот и додава дека влезот за сите шест вечери ќе биде бесплатен.
Првото издание на „The Park Festival” ќе се одржи на четири локации во големиот градски парк и шеталиштето на реката Вардар. За последната вечер ќе биде поставена атрактивна сцена над коритото на Вардар.
Изборот на учесниците е дефиниран, но детаљите за фестивалот и нивните имињата ќе ги објавуваат постепено преку социјалните мрежи.
– Изборот на артистите и музиката која ја изведуваат е наменет за сите возрасни групи и музички вкусови. Ќе има хип-хоп, електронска музика, рок, џез, а предвиден е и настап на европски познато име, вели уметничкиот директор на фестивалот, Ертон Весели.
„The Park Festival” ќе се одржи на 26, 27, 28 јули и 2, 3, 4 август, период во кој иселениците доаѓаат во родниот крај. Заради настапите на атрактивни имиња се очекува голема посетеност, како од љубители на музиката од Македонија така и од соседните земји.