Британскиот пејач и некогашен член на групата „Smiths“ Морисеј ги убедил челниците на салата „Стејплс центар“ во Лос Анџелес, каде наредниот месец ќе одржи концерт, да се направи отстапка и на тоа место на денот на неговиот настап да не се продава месо.
Долгогодишниот борец за правата на животните ургирал на штандовите на синџирите за брза храна „Мекдоналдс“, како и на другите поставени на местото каде тој ќе одржи концерт на 1 март – кој веќе е распродаден, да направат отстапка и да не продаваат месо.
– Јас не гледам на тоа како на моја победа, туку како на победа на животните, посочи во соопштението Морисеј, додавајќи дека местото каде ќе се одржи концертот 100 отсто се согласил храната која ќе се продава да биде целосно вегетаријанска и дека ваквото барање му било одбиено дури и на поранешниот „Битлс“, Пол Макартни.
„Стејплс центар“ и промотерската куќа „Голденвоис“ ќе донират дел од приходите од продажбата на влезниците за концертот на организацијата за заштита на животни ПЕТА, рече Морисеј.
Морисеј (53) минатиот месец откажа серија концерти во рамките на неговата турнеа во САД, откако беше хоспитализиран поради проблеми со чирот.