Властите на Чад денеска егзекутираа десет наводни членови на екстремистичката организација Боко харам, само еден ден откако ги прогласија за виновни за двата самоубиствени напади во Нџамена при што загинаа 38 луѓе.
– Тие утрово беа изведени пред стрелачки вод и погубени на стрелиште северно од Нџамена, изјави неименува извор од безбедносните служби на чад.
Десеттемина вчера беа осудени на смртна казна. Тоа беше прво судење на членови на Боко харам во Чад, при што беа прогласени за виновни за кривично здружување, убиства, намерно уништување со експлозив, измама, незаконско поседување на оружје и муниција и користење на психоактивни суспстанци.
Чад, Камерон и Нигер, соседни земји на Нигерија од каде потекнува Боко харам беа мета на напади на екстремистичката група, а на почетокот на годината најавија формирање на регионални сили за справување со исламистите, кои од бунтот од 2009 убија над 15.000 луѓе.