Американската телевизија Си-Ен-Ен упати извинување до рускиот претседател Владимир Путин поради објавување на негова фотографија заедно со прилогот за идентитетот на маскираниот џихадист на ИД, познат како „Џихадистот Џон“.
Си-Ен-Ен се извини на рускиот претседател поради поврзување со Џихадистот Џон, Британецот за кого постои сомнеж дека учествувал во егзекутирање на голем број лица заробени од групата ИД.
Во четвртата минута од прилогот на новинарот Макс Фостер, од редакцијата на Си-Ен-Ен во Лондон, за идентитетот на Џихадистот Џон, фотографијата заедно со прилогот за маскиран маж со нож е заменета со слика од рускиот претседател Валдимир Путин.
Си-Ен-Ен објави дека станува збор за техничка грешка.
– Поради грешка на видео серверот за време на емитувањето на денешните вести, фотографијата на Владимир Путин што била подготвувана за следниот прилог, ненадејно е објавена на екранот. Се извинуваме поради грешката, изјави портпаролот на телевизијата.