Лидерот на исламистичката група Боко Харам, Абубакар Шекау објави нова снимка, со која ги отфрла тврдењата на светските медиуми дека пред еден месец бил смртно ранет во Нигерија. Тој досега неколку пати ја демантираше својата смрт, јави Би-Би-Си.
Шекау го презеде водството на Боко Харам во 2009 година по смртта на Мухамед Јусуфа, основач на групата, пренесува Танјуг.
Медиумите во 2009 година јавија дека Шекау е убиен за време на судир меѓу Боко Харам и нигериските сили за безбедност. Во 2010 година Шекау објави видео снимка во која признава дека е ранет во бутината, но оти закрепнал.
Во август 2013 година тој повторно е прогласен за мртов по нападот врз засолништето на џихадистичката групација во шумата Самбиса во североисточна Нигерија. Во септември 2013 година тој повторно објави видео снимка, во која демантираше дека е мртов.
Во 2014 година нигериската војска соопшти дека Шекау е убиен, овој пат од страна на војската на Камерун, за време на битката со Боко Харам околу селото Кондуга, северно од Мајдугури. Камерунската војска ја потврди ова вест и на социјалните мрежи објави фотографии од безживотното тело на Шекау. Во октомври 2014 година тој повторно се појави со видео снимка на која се им се исмеваше на оние кои верувале дека е мртов.
Во август 2015 година претседателот на Чад, Идрис Деби тврдеше дека на лидерот на Боко Харам му е отсечена главата и дека тој е заменет со нов лидер. Во август истата година тој објави аудио снимка во која соопштува дека е жив и оти и натаму е лидер на оваа исламистичка групација.
Во август 2016 година нигериското воздухопловство објави дека Шекау е смртно ранет за време на воздушен напад. Пред два дена лидерот на Боко Харам објави ново видео во кое се појавува жив и здрав.
Чета Нванзе, експерт за безбедност и основач на СБМ разузнавачката служба смета дека екстремистичката група го користи Шекау како „препознатлив бренд“ за добивање на надворешни реакции и информации.
– Овие тврдења за смртта и оживувањето на Шекау му наштетуваат на кредибилитетот на нигериската војска. Ова е герилска војна, а не конвенционална борба и комуникацијата е важна, додаде Нванзе.