Проблемот со риболовот го одложи во последен момент трговскиот договор меѓу Велика Британија и Европската унија, но објавувањето се очекува да следи подоцна во текот на денот, изјави денеска ирскиот министер за надворешни работи Сајмон Ковени.
Британскиот премиер Борис Џонсон „требаше да одржи прес-конференција, но тоа не се случи“, рече Ковени.
Според него, во последен момент се појавила пречка поврзана со „мал дел од текстот“ на договорот за риболов, додаде шефот на ирската дипломатија.
„Се надевав дека ќе разговарам со вас утрово во исто време кога пристигнуваат големите вести од Лондон и Брисел, но сепак тоа го очекуваме подоцна“, рече Ковени.
Велика Британија и Европската унија се многу близу до постигнување трговски договор со кој би се избегнал хаотичен Брегзит, јавија денеска британски медиуми.