Обама во Берлин се сретна со лидерите на пет европски држави

Од:

Американскиот претседател Барак Обама и лидерите на Германија, на Велика Британија, на Италија, на Шпанија и на Франција се согласија дека е нужно да продолжат да работат заедно во меѓународните организации како што е НАТО, како и да продолжат со работа по трансатлантскиот дневен ред, соопшти Белата куќа.

Обама се сретна со Ангела Меркел, Тереза Меј, Матео Ренци, Мариано Рахој и Франсоа Оланд во Берлин, каде завршува неговата европска проштална турнеја.

– Лидерите се согласија дека е нужно да работат заедно за да постигнат напредок на трансатлантскиот дневен ред, посебно за прашањата за стабилизирање на Блискиот Исток и Северна Африка, како и за изнаоѓање на дипломатско решение на конфликтите во Сирија и источна Украина, се посочува во соопштението од Белата куќа.

Исто така се наведува дека е важно да продолжи соработката во рамките на меѓународните организации, пред се во НАТО.

На денешната средба лидерите на САД и петте европски земји изразија загриженост од хуманитарната ситуација во сирискиот град Алепо, како и дека под итно треба да престанат нападите на сирискиот режим и неговите поддржувачи – Русија и Иран врз градот. Тие побараа да се овозможи пристап на хуманитарните организации до Алепо.

Лидерите се согласија и дека санкциите воведени за Русија поради Украина треба да останат во сила се додека Москва не ги исполни преземените обврски за решавање на украинската криза.

Обама по средбата со европските лидери отпатува за Перу, каде ќе учествува на Самитот на Организацијата за Азијатско-Тихоокеанска економска соработка.

Би можело да ве интересира

Пет работници загинаа во Палермо

(ВИДЕО) Шпанската полиција уапси српски мафијаши

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он