Лидерот на нигериската исламистичка екстремистичка организација „Боко Харам“, Абубакар Шекав, на нова видео снимка е прикажан како ги прославува последните победи на групата, вклучувајќи ги и експлозиите во складот за гориво во Лагос, што Владата се обиде да ги прикрие, пренесоа американските медиуми.
Ова е првиот потврден бомбашки напад на „Боко Харам“ во Лагос, трговската престолнина на Нигерија. Пристаништето на Атлантскиот Океан е веројатно најнаселениот град на африканскиот континент со околу 20 милиони жители.
Најмалку четири лица загинаа во експлозиите на 25 јуни, вклучувајќи ја и осомничената атентаторка-самоубиец. Владата соопшти дека имало само една експлозија и дека таа била предизвикана од шише со гас.
На видео снимката Абубакар Шекав ги повторува своите барања до Владата за ослободување на приведените бунтовници во замена за над 200-те ученички, кои се грабнати пред три месеци.
Борците, за кои се претпоставува дека се исламисти, кренале во воздух голем мост на североисточиот нигериски автопат. Со тоа уште повеќе беше ограничен пристапот до шумата Самбиса, каде се смета дека се наоѓаат грабнатите девојчиња. Тоа е четвртиот голем мост што е уништен во реонот во последните месеци.
Во исто време веќе светски познатата пакистанска активистка Малела Јусуфзај за време на својата посета на Нигерија вети дека ќе помогне во ослободувањето на ученичките. Малела стана позната откако беше прострелана во главата од талибанци заради својата кампања за образование на девојчињата.
Вчера таа се сретна со родителите на девојчињата, кои беа грабнати од училиштето во североисточното село Чибок во април. Некои од нив се расплакаа, а 17-годишната Малела изјави дека „ове девојчињеа може да си ги замисли како свои сестри“.
-Активно ќе учествувам во кампањата ’Вратете ни ги нашите девојчиња’, за да може тие да се вратат живи и здрави и да продолжат со своето образование, изјави таа.