Нигериските екстремисти од групата „Боко Харам“ грабнале најмалку осум девојчиња и убиле седум заложници по заземањето на автобус.
Ова е едно од најдрските напади на групата во соседен Камерун, пренесоа американските медиуми.
Групата „Боко Харам“ минатата година во Нигерија грабна приближно 300 ученички. Нејзините постапки постојано се осудувани од меѓународната заедница.
Сега екстремистите за заложнички зеле осум камерунски девојчиња, соопшти Шетима Амиду, директор на локалното училиште. Девојчињата се на возраст од 11 до 14 години и потекнуваат од градот Коза. Нападот врз автобусот бил изведен во неделата, на 18 километри од границата меѓу Камерун и Нигерија.
Седуммина заложници, земени во друг напад, биле убиени и нивните тела биле фрлени крај границата, изјави Амиду, чиј брат го возел автобусот и е меѓу убиените.
„Боко Харам“ веќе пет години се бори против нигериската Влада. Во десетиците напади на групата минатата година загинаа 10.000 лица. Во текот на последните недели оваа терористичка група ги засили нападите врз соседните земји. Камерун, Нигер, Бенин и Чад ветија дека ќе испратат војници во мултинационалните сили што ќе бројат 8.750 војници, а за цел имаат да ги уништат исламските екстремисти.