Пресудата за единствениот осуден во случајот „Пуч“, Звонко Костовски, е нејасна и противречна, наведе кривичниот совет на Врховниот суд во одлуката за барањето за заштита на законитоста кое го поднесе специјалното јавно обвинителство. Највисокиот суд делумно го уважи барањето на СЈО во делот за шпионажата.
„Пресудата не содржи соодветно образложени причини поради кои обвинетиот Звонко Костовски е огласен виновен за помагање во извршување на кривичното дело „Шпионажа“, во услови кога не е утврдена кривичната одговорност на обвинетиот Зоран Верушевски кому тој би му помогнал во извршувањето на тоа кривично дело“, се наведува во одлуката на Врховниот суд.
Токму затоа, предметот во тој дел се враќа на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување. Одлуката ја донеле судиите Јово Вангеловски, Ристо Катевеновски, Фаик Арслани, Џемали Саити и Рахилка Стојковска.
Судиите, сепак, утврдиле дека постапувањето на судијата на претходна постапка е во согласност со законот и не се повредени ниту Законот за кривичната постапка, ниту пак има повреди на Кривичниот законик за кривичното дело „Неовластено прислушкување и тонско снимање“.
„Судијата на претходната постапка на рочиште за оцена на предлог-спогодбата, по дадените поуки согласно закон, испитал дали таа доброволно е поднесена, дали обвинетиот е свесен за правните последици од нејзиното прифаќање и за трошоците на кривичната постапка, па по спроведување на сите законски дејствија и оценка на предлог-спогодбата, донел осудителна пресуда“, пишува во одлуката.
Судиите образложуваат дека „Звонко Костовски како главен оперативен техничар во Управата за безбедност и контраразузнавање, со своето техничко знаење им овозможил на останатите припадници на злосторничкото здружение да пристапат кон незаконско следење на комуникациите и на лица кои не се маркирачи им овозможил да маркираат телефонски броеви и креирал паралелна структура во која биле складирани сите незаконски следени комуникации“.
Причината поради која не е кривично гонет од СЈО е затоа што тој бил сведок во постапката, бидејќи неговиот исказ бил од особено значење за откривање на останатите сторители на кривичните дела.
Стејт Департментот во Извештајот за човековите права и слободи за минатата година го нотира токму случајот на разузнавачот Звонко Костовски, кој беше осуден на тригодишна затворска казна за помагање во незаконското прислушување, а покрај Зоран Верушевски и сопругата Соња Верушевска, беше обвинет и премиерот Зоран Заев, како тогашен лидер на опозицијата.
Обвинителката Катица Јанева на 18 јануари годинава го повлече обвинението за „Пуч“, бидејќи, како што рече, доказите кои ги откриле не упатуваат дека кривичното дело го сториле Костовски и останатите обвинети. Таа масовното прислушување го води во предметите „Тврдина“ и „Таргет“, чии главни обвинети со помош на Апелациониот суд Скопје и на Врховниот суд се во екстрадициски притвор. Првото рочиште е закажано за 22 декември.
В. Маглешов