Ако се обезбеди двотретинско мнозинство, Законот за ЈО утре влегува во процедура

Од:

Во текот на денов ќе бидат одржани повеќе билатерални средби со претставниците на пратеничките групи на кои ќе се разгледуваат нивните амандмани за Законот за Јавното обвинителство. Целта е обезбедување консензус и двотретинско мнозинство, а доколку се обезбеди, законот ќе биде испратен во процедура на утрешната седница на Владата, информираа за МИА од Министерството за правда.

Засега нема потврда дали денеска е можна и средба на работните групи на власта и опозицијата во поширок состав, во обид да се усогласи верзија на предлог-закон, која подоцна ќе се поднесе во Собранието.

По последната средба на работната група во петокот, некои пратенички групи викендов доставиле амандмани за законот за јавно обвинителство, а некои замолиле за дополнително време за да ги формулираат заради обврските што ги имаа со Жан Моне дијалогот. Заради доверба на процесот, од Министерството за правда рекоа дека нема да откриваат кои пратенички групи доставиле амандмани.

За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо законско решение што ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство, вели лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.

– Потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на само недела и пол пред распуштање на Парламентот. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение кое ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство, наведува Мицкоски во пишана изјава испратена од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски наведува да не се креира законско решение за заштита на партиските интереси на поединци, туку решение предложено од експерти кое ќе биде прифатливо за Собранието.

Доскорешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, пак, вели дека Законот за јавното обвинителство, како и протоколот за НАТО и Законот за одбраната, се дел од агендата што е договорена од сите партии да се заврши до распуштањето на Собранието на 12 февруари. Ако некој го прекрши тоа, дотогаш распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите нема да се случи, изјави денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев по сведочењето во кривичниот суд за предметот „Монструм“.

Прашан дали е можно одложување на изборите доколку не се донесе Законот за јавно обвинителство, Заев рече не, но истакна дека е многу важно договреното да се изгласа во Парламентот.

– Кога ќе се гласа во Парламентот може да се донесе или да не се донесе. Друга опција нема, но на 12 февруари треба да се распушти. Ако се обидува опозицијата да го минира, да го блокира или на кој било начин неговото донесување, односно гласање, тогаш нормално дека Парламентот нема да се распушти се додека не заврши процесот на изјаснување за Законот за јавно обвинителство, како и за протоколот за НАТО или Законот за одбраната или сличните закони, рече Заев.

Посочи дека дел од агендата за која што се договориле сите е дека овие законски решенија до распишување на изборите и распуштање на парламенот ќе се изгласаат.

– Ако некој го прекрши тоа, тогаш нормално дека распишувањето на изборите и распуштање на изборите нема да се случи. На 12 април се изборите. Убаво е на 12 февруари, како што објави Талат Џафери тоа да се случи. Изборите се распишуваат и Парламентот се распушта од 45 до 60 дена. Значи имаме 15 дена за распуштање на Парламентот и распишување на изборите, како што законот и Уставот тоа го дава, но јас верувам дека се ќе биде завршено на 12 февруари, изјави Заев.

Би можело да ве интересира

Љупчо Коцевски избран за нов државен обвинител

Се создаде атмосфера дека довербата во обвинителите е нереално ниска, вели Јовески во последното обраќање како државен обвинител

А1он

ВИДЕО: Политиката го крои и гостиварското обвинителство, Арслани го делат денови од победа за шефовското место

Кристијан Ландов

Спогодба со Кичеец, непостапување за 27 април, пучот на Заев – кои се обвинителите кои сакаат да гонат криминал со Русковска

Кристијан Ландов

Маричиќ, Јовески и Здравев ќе ја презентираат методологијата за прочистување на правосудството

Ана Ололовска

СЈО замина во историјата, предметите во рацете на Јавното обвинителство за организиран криминал

Ана Ололовска