Спогодба со Кичеец, непостапување за 27 април, пучот на Заев – кои се обвинителите кои сакаат да гонат криминал со Русковска

Од:

По двајца обвинители од гостиварското и скопското, а еден од беровското обвинителство сакаат да гонат организиран криминал и да бидат избрани да работат во тимот на шефицата Вилма Русковска. Нивните апликации се пред Советот на јавни обвинители, кој треба да избере кој ќе влезе во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. На конкурсот се јавиле и петте обвинители на кои им истекуваат мандатите и сакаат да останат на истото работно место. Обвинителите кои сакаат сега да влезат во тимот на Русковска ѝ се познати на јавноста по предмети што ги воделе.

Па така, прв аплицирал гостиварскиот обвинител Арсим Адеми. На јавноста ѝ е познат како обвинител кој го водеше предметот за сообраќајката на превојот Стража против Зоран Милевски-Кичеец, каде загина едно лице. За него имаше многу критики откако направи спогодба со обвинетиот Кичеец, кој доби шест месеци затвор. Ваквата казна беше изречена откако обвинителот Адеми го преквалификуваше делото со што се овозможи пониската казна. Тој не поднесе жалба, за што имаше жестока расправа и во Собранието, од каде се бараше одговорност. Адеми во гостиварското обвинителство работи од 2016 година. Сега сака да гони организиран криминал и корупција.

Арсим Адеми го гонеше Зоран Милески-Кичеец

Поранешната специјална обвинителка Елизабета Јосифовска, која беше заменик на Катица Јанева, исто така сака да биде избрана и да работи во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Таа по вторпат аплицира за оваа функција, откако минатата година Советот на јавни обвинители не ја избра. Јосифовска сега е обвинителка во гостиварското обвинителство, каде се врати откако згасна СЈО. Во јавноста е позната како обвинителката која го гонеше Драган Павловиќ-Латас во случајот „Тотал“ за даночно затајување. Пред две години Јосифоска сведочеше и против нејзината ексшефица Катица Јанева во предметот „Рекет“.

Елизабета Јосифовска го гонеше Драган Павловиќ-Латас

Кандидат за во тимот обвинители за гонење организиран криминал е и скопската обвинителка Имран Османи. Таа беше дел од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција од 2008 до 2012 година, заедно со сегашната шефица Вилма Русковска, ексрепубличкиот обвинител Марко Зврлевски, како и Гордана Гешовска, а тогаш со ова обвинителство раководеше Јован Илиевски, баџанaк на Сашо Мијалков. Османи последно е позната по случајот што го водеше против Миле Јовановски, татко на Боки 13, за претепувањето на попот. За овој случај беше досуден е шестмесечен затвор за Јовановски, по неговото признавање вина.

Имран Османи го гонеше Миле Јовановски, татко на Боки 13

Од истото обвинителство, а со апликација за влез во повисокото обвинителство е и обвинителката Наташа Сарамандова. И таа, како и Јосифовска, по вторпат се обидува да влезе во Обвинителството за гонење организиран криминал. Претходно, минатата година, не успеа. Сарамандова е позната по три предмети, од кои едниот е поврзан со гонењето на Здравко Савески поради фрлањето боја за време на шарената револуција врз државните фасади. Второто обвинение покренато од неа е против поранешниот судија кој сега е во затвор Владимир Панчевски за злоупотреба на АКМИС-системот. Последно во низата е обвинението против Емил Јакимовски за заканите против новинарки и семејно насилство, каде беше досудена дваесетмесечна затворска казна.

Наташа Сарамандова го покрена обвинението против Владимир Панчевски за злоупотреба на АКМИС системот

Петтиот кандидат е Златко Биковски, обвинител кој гонеше организиран криминал до 2018 година, кога беше разрешен. Тој го водеше предметот „Пуч“ против поранешниот премиер Зоран Заев. Познат е и по тоа што му беше определена дисциплинска мерка – шест месеци да добива третина плата затоа што не постапил навремено за крвопролевањето во Собрание на 27 април 2017 година. Против таа казна се жалеше државниот обвинител, а Советот подолго време чека да собере сили за да го стави ова на дневен ред. Биковски имаше обид да стане и антикорупционер, но Собранието не го избра во новиот состав на Државната комисија за спречување корупција. Минатата година, исто како Јосифовска и Сарамандова, се обиде на конкурс да влезе во Обвинителството за гонење организиран криминал. Откако не успеа, сега се обидува по вторпат.

Златко Биковски го гонеше експремиерот Зоран Заев за „Пуч“, а него му изрекоа дисциплинска мерка поради ненавремено постапување за „27 април“

Иако им истекуваат мандатите, организиран криминал сакаат да гонат и обвинителките Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Енѓулуше Кардиу-Леши и Сузана Мирческа-Кузмановска. Доколку не ги реизберат, ќе треба сите да се вратат во своите матични обвинителства.

Би можело да ве интересира

Русковска: Случајот со убиствата на Вања и Панче не смее да добие политичка конотација

ВМРО-ДПМНЕ: Русковска која беше инструмент на власта во прогонот на неистомислениците и патриотите, сега има можност да ги признае сите злодела

(ВИДЕО) Русковска пред еден месец кажа дека има информации за нејзиното разрешување

Александар Тодески

(ВИДЕО) Русковска: Тие што ми вршеа притисок се истите што ми нудеа повисока позиција за да прекинам истрага

Александар Тодески

Русковска: Бев дел од групата за измените на Кривичниот законик, но нашиот предлог е сосема поинаков

Дисциплинската комисија бара разрешување на Вилма Русковска

Катерина Ѓуровски