По освоениот медал на Светското првенство за пливачи со оштетен слух во Сан Антонио, САД од страна на Андреј Стојаноски, денеска Агенцијата за млади и спорт одржа прес конференција на која беше поздравен неговиот успех.
Според директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, Андреј е врвен македонски спортист со одлични резултати.
– Андреј Стојаноски е во групата врвни македонски спортисти и притоа има континуитет на врвни резултати. Во неколку наварти Стојаноски го освојуваше четвртото место, а ова сега е негов најдобар резултат. Тој е носител на стипендија од светска категорија и со овој резултат ја потврди и за следните четири години. Ова е огромен успех и за неговиот тренер, кој истотака ќе добие и еднократен надоместок. Поддршката од Агенцијата за млади и спорт ќе продолжи, а учеството на ова натпреварување беше помогнато со 250.000 денари, истакна Спасески.
За освојувачот на медалот Андреј Стојаноски среброто била голема желба на натпреварот во Сан Антонио.
– Ова беше тежок натпревар, а сребрениот медал беше голема желба. Во иднина ќе тренирам и се надевам дека ќе освојам и златен медал, потенцира Стојаноски.
Пливачот Стојаноски беше учесник на четири финални трки, а среброто го освои во дисциплината 1.500 метри слободно, додека на 400 слободно беше петтопласиран, на 200 слободно беше осми, а седмото место го освои во дисциплината 400 метри мешано.
Стојаноски и неговиот тренер Марјан Соколовски за време на претстојот во САД имаа голема помош од поранешниот пливач и олимпиец на Македонија Кире Филиповски. Инаку, соработката меѓу Стојаноски и Соколовски трае 12 години.