Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев во интервју за австрискиот весник „Кроне“ порача дека на „црвено-жолтите“ би им одговарала улогата на аутсајдер на претстојното ЕУРО 2020.
– Претпочитам сите да гледаат на нас како аутсајдери за да го покажеме нашиот вистински фудбал. Ние ја обожаваме таа улога, изјави Пандев во интервјуто.
Капитенот истакна дека фудбалерите ќе го дадат својот максимум за достојно да ја презентираат македонската држава на големата сцена.
– Чувството да се подготвуваш со репрезентацијата за настап на Европското првенство е прекрасно. Ние живееме за нашата земја, сега имаме шанса да ја презентираме на големата сцена и ќе дадеме сè од себе гордо да се бориме за нашето знаме, додаде Пандев.