Амстердам од денеска е новата база на македонските фудбалери, кои попладнево го одржаа првиот тренинг во холандскиот град спроти дуелот против домашната репрезентација во рамки на ЕУРО2020.
По поразите во Букурешт против Австрија (1:3) и Украина (1:2), македонската репрезентација в понеделник против Холандија го игра натпреварот од последното трето коло во групата Ц.
За избраниците на Игор Ангеловски тоа воедно ќе биде и последниот натпревар на дебитантскиот настап на Европските првенства, откако по вчерашниот триумф на Холандија над Австрија (2:0) „црвено – жолтите“ останаа без шанси за пласман во нокаут фазата.
И покрај тоа, амбициите и мотивираноста кај македонските фудбалери се на високо ниво во обид против фаворизираната Холандија да ја забележат првата победа на ЕУРО2020.
Натпреварот се игра в понеделник од 18 часот на „Јохан Кројф Арена“ во Амстердам.