Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино му се закани на Катар дека ќе остане без Мундијалот доколку не покаже гостопримство кон сите навивачи.
Инфантино примарно мисли на ЛГБТ популацијата чии членови се плашат за својата безбедност на Светското првенство, имајќи предвид дека хомосексуалноста во Катар е забранета со закон.
„Ако Катар не сака да покаже гостопримство кон сите, тој нема да биде организатор на Светското првенство. Светското првенство е настан кој ги зближува сите луѓе“, рече Инфантино на бизнис форумот во Доха.
Инфантино зборуваше и за расизмот како негативна појава која се уште е присутна во фудбалот.
“Во последните неколку големи натпреварувања, повеќе од 50 проценти од играчите беа навредувани, тоа е голема бројка. Сега е многу полошо. Социјалните мрежи денес се користат за расно мотивирани навреди и дискриминација. Ќе продолжиме да ги бараме и блокираме секој што ги навредува играчите на социјалните мрежи“, истакна Инфантино.
Светското првенство во Катар ќе се игра од 21 ноември до 18 декември.