Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски денес организираше прием за пливачот Андреј Стојановски, кој ќе земе учество на претстојното, 12. по ред Европско првенство во пливање за глувонеми, информира АМС.
Каевски му посака успешни настапи на единствениот македонски натпреварувач и достојно претставување на Македонија на овој шампионат и му порача дека АМС и во иднина ќе му дава поддршка за меѓународни натпреварувања.
Првенството ќе се одржи од 2 до 7 јули во Лублин, Полска.
Стојановски ќе настапи на 200, 400 и 1500 метри слободен стил, 200 и 400 метри мешано, како и на 200 метри градно.
На средбата во АМС присуствуваа и претседателот на НСФГМ Тихо Русовски, координаторот за спорт во федерацијата Никола Стојаноски, како и сопатникот на Андреј за Полска, тренерот Методија Ангелески.