Сезоната на парење на кралскиот албатрос, една од најголемите птици во светот, е во полн ек на брегот на Нов Зеланд. Како и секоја година, филмските екипи се присутни за да ја забележат величествената глетка, но и деталите од однесувањето на овие загрозени птици.
Во жарот на борбата да се остави впечаток на некоја од илјадниците женки кои чекаат на морскиот брег, и под притисокот што го носи фактот дека од тој впечаток зависи изборот на партнер на женката, се случуваат и комични ситуации. Еден таков кикс е забележан на снимката која ја објави британски „Гардијан“. Мажјакот самоуверено влета во слетувањето, но во моментот кога требаше да се приземји, се преврте и атерираше со клунот напред, забивајќи се во земјата со ефектен пад.
Според Хуани Ленгсбери, менаџер за туризам во природниот резерват Тајароа Хед, ваквите слетувања се чести кај албатросите, кои имаат проблем да ја контролираат својата тежина и големина при слетувањата со голема брзина во ветровити услови. Но, Ленгсбери вели дека тоа најчесто им се случува на помладите мажјаци, а овој не бил таков, затоа што имал 11 или 12 години.
Урнебесното слетување на албатросот било пренесувано во живо на интернет, а поставената камера е една од неколкуте кои оваа година го пренесуваат парењето на кралските албатроси.