Мароканската танчарка Карима ел Махруг (21), попозната како Руби, која е сведок во судскиот процес против поранешниот премиер на Италија Силвио Берлускони, на вчерашното судење изјавила дека во претходните сведоштва се што кажала било измислено.
– Се извинувам што кажав измислици пред судот- изјави Руби на судењето на тројцата пријатели на Берлускони, кои биле обвинети за подведување.
Поради нејзините тврдења беше покрената постапката пред судот против Берлускони затоа што тој, според обвинувањата, во 2010 година неколку пати и платил за сексуални искуства, а тогаш таа била малолетна.
Руби претходно изјавила дека од Берлускони добила 187.000 евра, но сега потврди дека сето тоа го измислила само за да привлече внимание. Исто така, Руби изјавила дека девојките кои што учествувале во славните „бунга-банга” забави всушност само се соблекувале до својата долна облека и немало контакт со Берлускони.
Берлускони е обвинет за секс со малолетната проститутка Руби и за злоупотреба на функцијата премиер, кога во мај 2010 година интервенирал Руби да биде ослободена од притвор, кога била уапсена поради ситна кражба.