„Октоберфест“, најголемиот фестивал на пивото во светот, годинава го посетија 6,4 милиони гости, кои испија 6,7 милиони литри пиво.
Ова е билансот на вчера завршениот собир, на кој посетителите 15 дена ги забавуваа и воодушевуваа полничките баварски келнерки, носејќи во рацете и по десетина кригли со пенливо пиво.
Организаторите на фестивалот соопштија дека се задоволни од билансот, а статистиката вели дека освен пиво, волови на ражен, бели и баварски колбаси и други деликатеси во кои уживаа гостите од целиот свет, имало и пијани и повредени, а 7.551 гости побарале лекарска помош, главно поради пијанство.
Оние кои претерале со алкохолот, меѓутоа, биле дури за 20 отсто помалку отколку минатата година, покажува статистиката, а од Црвениот крст наведуваат дека дури може да се каже дека ова беше мирен Октоберфест.
Освен лекарите, сите овие денови работеа и полицајците така што на овој, 180-ти Октоберфест, полицијата интервенирала 2.031 пати, точно како и минатата година.
– Многу работа, но ова беше еден нормален Октоберфест, рече портпаролот на минхенската полиција Волфганг Венгер на крајот на забавата.
Годинешниот фестивал беше отворен на 21 септември, а честа да го отвори првото буре пиво и со тоа да го означи почетокот на фестивалот му припадна на градоначалникот на Минхен, социјалдемократот Кристијан Уде, кој со два удара, го отвори бурето и тоа се случи за последен пат, бидејќи одлучи веќе да не се кандидира за градоначалник.
Октоберфест, заштитниот знак на Баварија, се оддржува речиси два века, а се почнало со голема коњска трка на свадбата на престолонаследникот Лудвиг Баварски и принцезата Тереза Саксонска, во 1810 година.
Затоа и полјаната каде се оддржува фестивалот е наречена „Ливадата на Тереза“. Во почетокот било планирано забавата во знак не сеќавање на свадбата на Лудвиг Баварски да трае неколку дена, но потоа таа се продолжила на две недели.
Фестивалот секогаш почнува на крајот на септември, а организаторите го имаат испланирано времето за оддржување на Октоберфест за следните десетина година.