Најголемиот фестивал на пивото „Октоберфест“, што на 20 септември почна во Минхен и заврши денеска, за изминатите две недели го посетиле 6,3 милиони лица. На него гостите испиле вкупно околу 6,5 милиони литри пиво, посочија организаторите, цитирани од ТАСС.
-Не успеавме да постигнеме нови рекорди, но показателите остануваат на високо ниво, соопшти директорот на фестот, Јозеф Шмид.
Според него, плановите на организаторите биле попречени од лошото време, заради што посетеноста во првите денови била помала од минатогодишните.
Рекордот беше регистриран во 1985 година, кога фестивалот го посетиле 7,1 милиони гости, кои испиле исто толку литри пиво.
Минатата година на „Октоберфест“ имаше 6,4 милиони посетители.
За време на фестивалот медицинска помош побарале 7.900 лица. Околу 600 гости на празникот на пивото си дозволиле да претераат со пиење и да добијат алкохолно труење, а 16 од нив биле малолетници.
Работа имало и за полицијата, бидејќи претставниците на редот биле принудени да приведат 720 лица.
Многу од посетителите на „Октоберфест“ претпочитаат да не ги враќаат литарските кригли за пиво, туку да си ги земат со себе како сувенир. Ако минатата година од шаторите за пиење пиво исчезнале 81.000 кригли, оваа година недостасуваат дури 112 000 кригли.
Максималната цена за литар пиво годинава го надмина психолошкиот праг од 10 евра. Една кригла се продаваше од 9,70 до 10,10 евра. Минатата година горната граница беше 9,85 евра. Поскапувањето на пенливиот напиток во Германија секоја година шеговито се нарекува „една од традициите на фестивалот“.
Првиот „Октоберфест“ бил организирана на 12 октомври 1810 година по повод свадбата на Лудвиг Баварски и принцезата Терезија. Од тогаш фестивалот се организира речиси секоја година, односно откажан бил вкупно 22 пати поради војни, епидемии од колера или во врска со хиперинфлацијата во Германија во текот на 20-те години на 20 век.