Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и неговата сопруга Марева вчера се сретнале со двајца нови грчки државјани, славниот актер Том Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон.
Мицотакис објави фотографија на својот профил на Инстаграм, на која Хенкс и Вилсон ги покажаа своите новостекнати грчки пасоши.
„Рита Вилсон и Том Хенкс сега се горди грчки граѓани“, напиша Мицотакис.
Средбата се одржала на островот Парос, пренесува Катимерини.
Вилсон, која делумно има грчко потекло, и Хенкс долго време поседуваат куќа на блискиот остров Антипарос.
Љубовта на славниот актер за Грција е добро позната. Тој премина во православие пред да се ожени со грчко-американската актерка Рита Вилсон (чија мајка била Гркинка) пред повеќе од 30 години и со децении редовно ја посетува Грција.
„Грција е прибежиште. Патував низ целиот свет, бев на најубавите места, но ниту едно од нив не е како Грција“, рече славниот оскаровец.