Елементариум – Белград
Ако го промениме Штефан-Боцмановото правило, други физички закони и библиски цитати, ќе можеме да ја пресметаме температурата во Рајот и Пеколот.
Дали Пеколот, свет на проколнатите, е жежок или замрзнат?
Ако веќе со векови толку добро се знаат најситните детали на Гехене, вечното мачилиште, дали со некакво пресметување може да се определи и температурата на која се варат грешниците? Во колкава запремнина и под кој притисок се наоѓаат? Каква е воопшто термодинамиката на Пеколот?
Колку и да изгледаат бесмислени, овие прашања всушност се само задачи од физиката кои се формулирани на необичен начин. Методите на модерната физика, токму тие кои со своето успешно опишување на природата од Галилеј и Њутн до денес ги обесмислија обидите на заплашување на луѓето со измислени слики на ужасно мачење, можат исто така, успешно да се применат не само на модели кои доволно приближно го опишуваат стварниот свет, туку и на замислените простори каков што е Пеколот.
– А на страшливците и неверните и нечистите и блудниците и идолопоклониците и на сите лажливци, на нив им е местото во езеро кое гори во оган и сулфур, што е втора смрт, се вели во Откровението на Јован (21,8), од кое може сешто да се заклучи, но за физичко разгледување најважен заклучок е дека сулфурот во Пеколот се наоѓа во езеро, значи во течна состојба.
Температурата на Пеколот
Сулфурот е неметал кој преминува во течна состојба кога ќе се загрее над 110 до 120 Целзиусови степени. Неговата точка на вриење се наоѓа на 444,6 Целзиусови степени и на повисоки температури од таа се претвора во гас. Околината на наведеното езеро не може да има повисока температура, а кога би ја имало, околината и езерата по некое време би дошле во рамнотежа, температурата во езерото би пораснала и целиот сулфур би испарил.
Значи, ако во него сулфурот е течен, температурата на Пеколот не може да биде пониска од 120 степени, но ни повисока од 445 степени, бидејќи во тој случај не би ни имало сулфурно езеро за капење за грешниците.
Температурата на Сончевата кора е 6.000 степени Целзиусови, а на волфрамовата жичка во сијалицата е 3.000 степени, така Пеколот дури и ако ги има сите 445 степени, баш и не е посебно врел.
Едно необично пресметување дури успева да покаже дека така Пеколот е постуден од Рајот. Одамна познат како урбана легенда, објавен првпат во 70-те години од 20-от век, во америкаснкиот учебник Примена на оптиката, а според коментарот на уредникот, до него прв дошол еден физичар пред 20 години. Во пресметувањето очигледно ги користел тезите од Стариот завет и ни помалку, ни повеќе и Стефан-Болцмановиот закон за топлотно зрачење.
Во Книгата на пророкот Исаија (30,26) се вели дека блажените во Рајот каде месечевата светлина ќе биде како сончева светлина, а светлината на Сонцето ќе биде седум пати поголема, како светлина од седум дена, кога Господ ќе го завие народот свој и ќе му ги излечи раните кои му ги задал.
Значи, Рајот апсорбира исто количество на топлина од Месечината како и Земјата од Сонцето, додека од Сонцето му стигнува седум по седум пати, односно 49 пати повеќе енергија од онаа што Земјата ја прима од Сонцето. Значи, во Рајот стигнува 50 пати повеќе енергија отколку на Земјата. Со помош на овој податок, може да се одреди температурата во Рајот.
Зрачењето кое паѓа на Рајот ќе го загрева до таа температура на која ќе дојде до термодинамичка рамнотежа меѓу примената и емитуваната светлина. Тоа значи дека Рајот не само што добива туку и губи 50 пати повеќе топлина од Земјата. Од тука, според Штефан-Болцмановиот закон, се добива (Tр/Tз)4=50 каде Тр е температурата на Рајот, а Тз на Земјата. Со замена на средната вредност на температурата на Земјата Тз, што е околу 270 степени Целзиусови (300 степени Келвин) со едноставно пресметување се добива дека температурата на Рајот е цели 525 степени Целзиусови, односно 798 Келвини.
Изгледа дека рајската температура, има речиси блиска вредност на која доаѓа до црвен усвитен метал, незгодна како таа на планетата Венера, а ако не е обезбеден некаков клима уред, вечното блаженство не може да биде попријатно од Пеколот. Имено, овој резултат, во своевиден парадокс, покажува дека температурата на Рајот е за дури 80 степени повисока од максималните 445 во Пеколот.
Судејќи според се, грешниците кои се зимурливи кои во текот на животот постојано мрзнеле, не можат да бидат сигурни дека барем во Пеколот ќе се стоплат. Во античката традиција која претходи на идејата на христијанскиот Пекол, овој простор инаку е замислен како студен и темен, но и кај христијанските мислители, од Тертулијан и свети Августин до јеузитските схоластичари, претставата за Пеколот е далеку покомплексна од сликата на вжештен лонец во кој душите на проклетниците вечно се динстаат.
Според схоластичката поделба на 18 маки на проклетите, казната со студ, ригор фригорис, се наоѓа на седмото место меѓу огнот кој не уништува и гладта што разбеснува.
Колкав е притисокот во Пеколот?
Меѓутоа, тоа не е баш така. Ако се вратиме и ако го преиспитаме едноставниот сулфурен доказ, со кој е одредена температурата на самиот Пекол, заклучокот дека Пеколот е постуден од Рајот не мора да биде сосема точен. Имено, течниот сулфур преминува во гас на 444,6 степени, но под услов во околината да владее нормален атмосферски притисок. Но, колкав е притисокот во Пеколот?
Пеколот се нарекува Гехена, според долината на синот Химонов, во близина на Ерусалим, мачилиште каде според Втората книга за царевите и принесувањето на човечки жртви на Богот Молоха, место кое по еврејскиот егзодус во Вавилон станало локална депонија на отпад и е општ синоним за Пеколот. Врз основа на познатата површина на оваа долина од седум милиони квадратни метри, белгискиот мислител Неихт уште во 1887 година изнел доказ за запремнината на Гехена и бројот на душите во неа.
Претпоставувајќи дека од почетокот на времето, па до денес, во Пеколот стигнале 29 милијарди билиони души, американскиот физичар др. Тим Халеј пред неколку години го одредил притисокот на Пеколот и го преиспитувал доказот од Применетата оптика. Тој претпоставил дека густината на вечното мачилиште е рамномерна, дека душите се наредени во два слоја, бидејќи во спротивно грешниците од средните слоеви помалку би пателе од тие во надворешните и дека просечната висина на една душа е еден метар, што е средна вредност меѓу бебе и возрасно лице.
Со оваа претпоставка, Халеј врз основа на познатата површина го одредил волуменот на празна Гехена и волуменот што го заземаат душите кои до сега биле проколнати. Бидејќи процесот на полнење на Пеколот со души е изотермиски, Халеј со помош на равенката на состојбата на идеален гас пресметал дека денес во Пеколот владее притисок од дури 1.500 атмосфери. Прилично незгодна средина за тие кои ќе се затекнат во неа.
Меѓутоа, како и да им е на душите, тоа е преголем притисок за преминување на сулфурот во гасовита состојба на температура од 525 степени, што значи дека температурата во Пеколот сепак е повисока од Рајот.
Како да се обезбеди греењето на Гехена?
Како Ѓаволот и другата управа на ова гадно место воопшто обезбедуваат греење за толку многу души во вечен оган? Каков е воопшто енергетскиот биланс во Гехена? Дури и Тертулијан пишувал дека пеколниот оган не се гаси и дека тој не го троши тоа што го запалува, туку го поправа. Душите кои доаѓаат во Пеколот и кои се таму се мртви, па поради тоа се студени и неподвижни. Тоа значи дека нема да има промени на внатрешната енергија, а според Првиот закон за термодинамика, секоја извршена работа тогаш ќе биде еднаква на количеството на топлината која Гехена ќе ја прими од надвор. Бидејќи волуменот и притисокот се менуваат поради доаѓањето на нови души, постојано се врши некоја работа и поради тоа се менува количеството на топлината, што значи дека Пеколот не е топлотно изолиран.
Од друга страна, ако не е адијабатски изолиран и се наоѓа во близина на нешто постудениот Рај или остатокот од светот, Пеколот ќе претставува топлотен резервоар кој ќе предава извесно количество на топлина во околината, поради што со тек на времето ќе се намалува температурата се додека не дојде во термодинамичка рамнотежа со околината. Со други зборови, Пеклот се лади како што се зголемува бројот на душите, освен ако не му е обезбедно надворешно греење.
Колку и да е забавна денес, дискусијата за Пеколот пред само неколку векови не била ниту малку пријатна. Налик на многу проповедници во XVI i XVII век, италијанскиот скитник-језуит Паоло Сењери, еден од посебно надарените беседници за Пеколот, своите застрашувачки проповеди ги држел во самрак, на полјана на крајот на населбите.
Кога неговата ужасната публика ќе дошла во состојба на целосна заплашеност, Сењери гол до половина и со камшик ги водел сите тие кои се грешни до црква, која во полутемница со светлина на свеќа, спроведувал масовно самоказнување и покајание, додека морничавиот глас на Сењери одекнувал меѓу зидовите насликани со претстави за Пеколот и танц на мртовци: Истовремено се чувствува студен морничав воздух, каснување на змија, утроба на змеј, заби на лав, жестокост на мачење, корнење на нерви, исчашување на коски, тепање со камења, удари со камшик, железни окови за врат, ланци на рацете, железни гребени, бесилки, тркала и коњи за мачење, сето тоа се соединувало во едно.
Дали со тоа морбидниот језуит на покајниците сакал да каже дека Пеколот доживува фазен премин?