Законски измени за забрзување на постапката за посвојување деца

Од:

Забрзување на процедурата за посвојување деца, давање подолги рокови за премислување на родителите што ги напуштиле своите деца, како и зајакнување на капацитетите на институциите и вработените вклучени во процесот и казни доколку не постапат согласно законот и роковите, предвидуваат новите измени и дополнувања на Законот за семејство, кои денеска во прво читање ги разгледуваше собраниската Комисија за труд и социјална политика.

Причина за измените и дополнувањата се согледувањата на стручна Комисија од Министерството за труд и социјална политика дека децата, пред да бидат посвоени, престојуваат во установите или во друго семејство повеќе од една година.

Според стручните лица, долгиот престој на децата остава трајни последици врз правилниот психофизички раст и развој. Оттаму, било констатирано дека е потребно да се намали времетраењето на престојот на децата во установите или другите семејства и да се намалат роковите на постапување на надлежните институции вклучени во постапката за посвојување.
– Со овие измени треба да се унапреди целокупната постапка за посвојување на деца без родители и родителска грижа. Со скратувањето и дефинирањето на роковите на малолетното дете ќе му се овозможи позитивна средина за развој во новото семејство на можните посвоители, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој пред Комисијата ги образложи измените и дополнувањата.

Според предлогот, сега детето ќе може да биде сместено во семејство на можни посвоители по девет месеци откако е утврдено дека не се знае престојувалиштето на неговиот родител. Претходно, тој рок изнесуваше 12 месеци, што значи дека периодот во кој може да почне посвојувањето е скратен за три месеци. Се намалува и рокот во случај кога не е потребна согласност од родител, за дете кое една година е сместено во институција или друго семејство и кој не пројавил интерес за детето, од една година на девет месеци.

Министерот Спасов информира дека со измените и дополнувањата се утврдува обврска на Центарот за социјални работи за секое дете кое ќе биде сместено во институција или во друго семејство да го информира Заводот за социјални дејности кој ќе врши надзор над стручната работа на Центарот за социјални работи. Обврска на социјалната инспекција е да направи надзор доколку од страна на Заводот бидат утврдени неправилности во Центарот за социјална работа, а се воведуваат и парични глоби за непочитување на предвидените рокови кои се утврдени во законот.
Се предвидува намалување на роковите за постапување на надлежните институции и комисии кои се вклучени во постапката за посвојување на деца без родители и родителска грижа со цел, како што истакна Спасов, да се обезбеди најсоодветна и најдобра заштита на интересите на децата. Континуирано ќе се следат можните посвоители и по извршениот упис во регистарот, а ќе се допрецизира постапката во делот на обновување на потребната документација.

– Се зголемува рокот од шест недели на три месеци во кој родителот ја дава согласноста детето да може да биде дадено на посвојување со цел да му се даде можност на Центарот за социјална работа преку стручна работа со родителот да изнајдат најдобро решение за натамошниот раст и развој на детето или да успеат да го убедат родителот да го задржи своето дете, рече Спасов.

Појасни дека се кратат повеќе рокови во постапката за посвојување. Се намалува од 15 на 10 дена рокот во кој Центарот за социјална работа треба да го достави наодот со предлог за упис во регистарот за можни посвоители до Комисијата на стручниот тим и поединечните членови од стручните тимови. Се дефинира рок од 30 дена во кој Комисијата треба да донесе одлука за впишување во Регистарот, а во исто време од 30 на 15 дена се намалува и рокот во кој Комисијата за засновање на посвојување која треба да изврши упис на детето како можен посвоеник.

Освен скратувањето на рокот од една година на девет месеци во текот на кој центарот за социјална работа треба најмалку трипати да го повика родителот и да му укаже на последиците од непреземањето на грижата за детето, се предлага на родителот да му се даде дополнителен рок од 10 дена да ја преземе грижата за детето или да даде согласност за посвојување. Ако родителот во тој рок не ја преземе грижата за детето, ќе се смета оти родителот се согласил детето да биде дадено на посвојување.

Измените и дополнувањата беа поддржани од членовите на собраниската Комисија кои побараа засилен надзор на посвоителите и по посвојувањето на детето, но и доколку една мајка, која еднаш се откажала од своето дете, повторно роди, и второто дете да им се понуди прво на оние кои го посвоиле првото дете со цел децата да бидат заедно.

Би можело да ве интересира

Прва конститутивна седница на Советот на социјална сигурност

Горан Наумовски

Постара жена исфрлена на улица од семејството, десет дена живее во хорор-барака во Охрид

Жарко Настоски

Две малолетни сестри питаат боси по велешките улици за да однесат млеко за бебето Метин, неискапено со месеци

Габриела Димковиќ-Мишевска

Одложен проектот бесплатна услуга одмор и рекреација за децата од социјален ризик

А1он

(ВИДЕО) Спасовски: Создаваме услови граѓаните со социјален ризик да добијат кров над глава

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Молк на институциите по случајот во Аеродром: Секој ден е кобен за браќата и станарите

Ана Василевска