Врие од огласи на социјалните мрежи за наем на викенд-куќи и апартмани и покрај апелите за празниците да се остане дома

Од:

„Издавам студио во Охрид – цена поволна“, „Се изнајмува викендичка во прекрасното Леуново на Мавровското Езеро“ – со вакви огласи преплавени се социјалните мрежи и интернет-страниците за огласување и покрај препораките против групирањето и апелите на властите да се остане дома за време на празниците како превенција од ширење на коронавирусот.

Сопствениците на викенд-куќите, апартманите и на студијата во Мавровскиот Регион и во Охрид велат дека не е проблем да ги дадат под наем, со образложение дека мора некако да си го извадат лебот. Во контакт со извесен Јован од Охрид, кој огласи дека издава апартман за Нова година во градот, разбравме дека, сепак, би им го изнајмил на најмногу четири лица, кои притоа се од исто семејство.

„Не мора да се грижите, не е забрането да изнајмите апартман и да си одморите неколку дена. Но, да бидам јасен уште веднаш: доколку сте повеќе од четворица или според личните карти не живеете на иста адреса, не би можел да ве примам. За овие празници апартманите може да ги издадам само на семејни луѓе. Не е до мене, такви се протоколите. А верувам и дека ќе врие од инспекции“, објасни сопственикот на оваа вила со апартмани на Оохридското крајбрежје.

Друг сопственик на викендичка во Маврово, кој ја огласил за издавање, објаснува дека ќе почека пред да ја издаде затоа што сè уште не е сигурен колку луѓе може да прими и под кои услови.

„Викендичката е 65 квадратни метри и без проблем може да престојуваат две семејства, но сега со препораките и со забраните не знам како тоа би се извело. Не сакам да се ставам во улога на полицаец, да им барам лични карти на луѓето и за некои си 200 евра што ќе ги заработам за тој новогодишен викенд да се изложам на високи казни. Да почекаме до следната недела“, вели сопственикот на викенд-куќата.

Од здружението на хотелиерите „Хотам“, пак, велат дека хотелските сместувачки капацитети исто така ќе примаат гости, но бројот ќе биде ограничен. Според нив, за време на празниците хотелиерите ќе претрпат загуби затоа што нема да има организирани новогодишни прослави, па интересот за престој во хотелите ќе биде значително помал.

„Хотелите немаат забрана за издавање соби во согласност со препораките до максимум четири луѓе од исто семејство. Вечерата ќе се послужува до 21 часот во согласност со препораките и протоколите за ограничен број гости во ресторанот и потоа гостите треба да заминат во своите соби. Со оглед на дека годинава нема организирани прослави ниту внатре во рестораните ниту на плоштадите, сметам дека бројот на посетители ќе биде многу мал. Во суштина тоа е дел од препораките и на здравствените власти – за овие празници да се остане дома, без никакви собири, и најдобро би било граѓаните да се држат до нив“, вели Крсте Блажевски од „Хотам“.

Како што најави и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, сопствениците на викенд-куќите и апартманите може да примаат гости, но максимум четири лица, во спротивно, доколку сместат група луѓе што ќе организираат прослава со масовни собири, ќе бидат кривично гонети, а ќе им бидат изречени и високи глоби.

Надлежните најавија и засилени контроли од страна на инспекциските служби, кои веќе од наредната недела ќе бидат на терен ќе ги проверуваат сместувачките капацитети и книгите со гости што престојуваат или резервирале за празниците.

Би можело да ве интересира

Угостителските услуги за една година поскапеле за 6,3 отсто

Угостителските услуги за една година поскапеле за 14.8 отсто

Горан Наумовски

Зголемени цените на угостителските услуги

За 0,5 отсто поскапеле угостителските услуги во ноември во однос на октомври

Ана Ололовска

Зголемени цените на угостителските услуги во октомври

Ана Ололовска

Нови протоколи за работа за кафетериите и рестораните

Предраг Петровиќ