Вкупно 134 починати лица од Тетовско го остварувале правото и добивале средства за туѓа нега и по нивната смрт, поради тоа што Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Тетово не презел мерки за да донесе решенија за негово укинување. Заради ваквото постапување извршена е неоснована испллата на 1.818.996 денари или близу 30 илјади евра, информира на денешната прес-конференција министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски.
Таа додаде дека ова било констатирано од увидот што го направила шестчлена комисија, која ја контролирала работата на повеќе центри за социјална работа во периодот од 5 октомври до 14 ноември годинава.
Во тетовскиот Меѓуопштински центар за социјални работи, за период од 6 дена колку што траел надзорот, Комисијата разгледала 234 предмети, од кои 194 биле на корисници на право на паричен надомест за помош и нега од друго лице или познато како право на туѓа нега.
Од увидот било констатирано дека Центарот во Тетово не постапил по службена должност и законска обврска, со што не ја утврдил настаната промена во условите за користење на правото на надоместок на нега од друго лице, поради што тој и по престанокот на условите за добивање на ова право, односно смрт, не донел решение за престанок на користење на правото што довело до неоснована исплата на средства и по смртта на корисниците.
– Исто така, центарот во предметите за кои имал сознанија дека престанал условот за користење правото на туѓа нега, односно оти настаната смрт, за што има вратени уплатници за исплати дека лицето починало, не обезбедил доказ по службена должност од матичната книга на умрени и не водел постапка за донесување решение за престанок на правото на надомест, а во случај кога центарот бил известен за промена во условите за користење на правото, односно дека корисникот е починат, Центарот не водел постапка за донесување решение за престанок на остварување на ова право, рече министерката.
Тројца од 134 починати лица, за кои продолжило правото на туѓа нега и по нивната смрт, додаде, се уште фигурираат во избирачкиот список за што ќе биде информирано МВР и ДИК.
– Ги преземаме сите неопходни мерки за утврдување на одговорност за сите наводи преку соодветни пријави до надлежни институции и воспоставен систем на контрола особено во овој период, рече таа и додаде дека во јавноста ќе ги сподели сите незаконитости утврдени во спроведените контроли.
Во врска со најавите од претседателот на ССМ Живко Митревски дека ќе и поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба заради, како што обвинија оттаму, фалсификување на изборот на претседател на ССМ, Ташевска Ременски ги повика надлежните инстутуции, како што рече, доколку утврдат оти има некаква незаконитост да постапат како што треба.
– Од она што ние го имаме на увид немаме никаква грешка во нашата постапка, напротив таа е спроведена согласно закон и завршува до моментот на предавање на документите во Централниот регистар, кој треба да го спроведе решение издадено од надлежен орган во овој случај, рече таа.
Додаде дека Централниот регистар се уште не го направил тоа и како што рече, прашање е зашто не е спроведено решението и не е напревена промената.
Таа одговори и на новинарско прашање за обвинувањето на СОНК дека известувањето од МТСП до директорите на детските градинки во врска со работното време и барањето сите вработени да ги почитуваат одредбите за 40-часовно неделно работно време има низа недоследности и технички пропусти.
– До денот кога го испративме известувањето до градинките, до МТСП беа пристигнати пријави од граѓани, родители, вработени во институциите кои укажуваа дека воспитувачите и негувателите ги напуштаат предвреме градинките и децата ги оставаат на хаусмајстори само да се исполни партиската задача за присуство на митинзи и партиски активности на луѓе вработени во јавните установи за згрижување деца, рече Ташевска Ременски.