ВИДЕО: Живее осамена и во беда, тешката животна судбина ја довела на дно

Од:

Педесет и петгодишната прилепчанка, Славица Вељаноска, петта година по ред 8 Март – Денот на жената, ќе го помине осамена во беда и без основни услови за живеење. Без никакви финансиски приливи, Славица преживува во својот скромен дом, каде што се чувствува миризбата од прокиснатите ѕидови и студот што продира низ прозорите и прагот од распаднатата врата.

Пред неколку месеци на Славица ѝ е дијагностицирана депресија придружена со несоница за што е потребно да пие лекарства што не е во можност да ги набави. Вељаноска за „А1он“ и „Макфакс“ ја раскажа нејзината потресна приказна од детството за која смета дека е причина за депресијата што ја прати веќе подолг период. Сликите и немилите случувања од нејзината младост вели дека не се забораваат. Нејзините родители, кои сега се починати, имале голем проблем со алкохолот. Пред 12 години по жестока расправија, таткото на Славица со сатар го убил својот брат близнак, Славчо Талески.

– Со спиењето имам проблем, па доколку не се напијам „хелекс“, не можам да заспијам, се нервирам и плачам. Депресијата ме тера на плачење, на неубави мисли од детството, како сум поминала во животот, зошто да бидам во ваква состојба, јас бев бистра и сакав да учам, но немав совесни родители. Мајка ми почина млада, на 45 години, татко ми многу ја тепаше, нас нѐ бркаше надвор на снег по улици, уште од мали сме мачени – вели Вељаноска.

Славица во својот скромен дом живее без струја, вода, шпорет и други неопходни апарати за домаќинство. Тоалетот е во катастрофална состојба, нема бојлер ниту, пак, функционална ВЦ-школка. Освен луѓето што работат во фурната,која е во близина на нејзиниот дом, на Славица никој досега не ѝ понудил никаква помош. Стара и изнемоштена, секој ден се симнува во центарот на Прилеп, каде што проси од граѓаните за кои вели дека се запознаени со нејзиниот начин на живеење, но не се во можност да помогнат. Својот случај 55-годишната прилепчанка неколку пати го пријавувала кај градоначалникот во Општината, но оттаму не добила никаква помош, а ни образложение зошто локалната власт и социјалните служби не сакаат да ѝ излезат во пресрет.

– Повеќе пати отидов кај Илија Јованоски, претпоставените ми кажаа дека ќе ме викнат, цела зима помина, сѐ уште ме немаат повикано. Им оставив број на телефон, адреса и уште ништо. Ми велат, не сте дојдени на ред – раскажува Вељаноска.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, за „А1он“ и „Макфакс“ вели дека за Славица Вељаноска дознал од социјалните мрежи и дека таа никогаш не била во Општината. Спротивно на она што го вели Вељаноска, градоначалникот Јованоски тврди дека испратил екипа од социјалната служба да ја посетат и да ѝ помогнат на оваа социјално загрозена жена.

– Кај мене нема дојдено сигурно, немаме разговарано за нејзиниот случај. Кога од социјалните мрежи дознав за Славица, веднаш го повикав директорот на Центарот за социјална работа по што таа беше посетена од социјални работници. Дознавме дека до пред извесен период живеела во старски дом, од каде што си отишла поради за нас нејасни причини – вели Јованоски.

Вељаноска не прима социјална помош, до пред неколку години редовно примала пензија од починатиот сопруг од Германија во вредност од 170 евра, но пред одреден период била измамена од страна на помлад брачен пар. Тие ја советувале да земе кредит и со тие пари да се грижат за неа. Славица го подигнала кредитот и парите им ги дала ним, кои подоцна ја избркале од дома, а сите пари ги задржале. Измамата е пријавена во полиција, вели Вељаноска, но најверојатно случајот е заглавен некаде во безизлезните судски лавиринти. Таа искрено се надева дека парите ќе ѝ бидат вратени, но засега нема никаква пресуда во нејзина корист.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Прва конститутивна седница на Советот на социјална сигурност

Горан Наумовски

Постара жена исфрлена на улица од семејството, десет дена живее во хорор-барака во Охрид

Жарко Настоски

Две малолетни сестри питаат боси по велешките улици за да однесат млеко за бебето Метин, неискапено со месеци

Габриела Димковиќ-Мишевска

Одложен проектот бесплатна услуга одмор и рекреација за децата од социјален ризик

А1он

(ВИДЕО) Спасовски: Создаваме услови граѓаните со социјален ризик да добијат кров над глава

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Молк на институциите по случајот во Аеродром: Секој ден е кобен за браќата и станарите

Ана Василевска