Не залудно е кажано она „една е мајка“, не само кај луѓето, туку и кај животните. Доказ за тоа се Зои и Клои – мајка и ќерка, чиј дом беше улицата, кај трговскиот центар „Скопјанка“ во Аеродром. Жителите сведочат дека биле неразделни.
Пред неколку дена, мајката Зои ја удира автомобил на главниот булевар. Глетката била морничава, возачот избегал, а сето тоа се случило пред активист за заштита на животните, кој изреагирал во истиот момент и ја однел на ветеринар. Девојката не се двоумела со себе да ја земе и нејзината ќерка Клои, која во истиот момент почнала да цвили и да плаче по својата мајка.
Зои и Клои сега се во ветеринарната ординација кај д-р Марин Величковски. Состојбата на Зои е критична, таа има внатрешно крварење и се уште е неизвесно дали ќе преживее. Во меѓувреме, нејзината ќерка не се поместува од неа. Ја чисти, лежи до неа, одбива да јаде и да шета, плаче ако некој се обиде да ја одвои од мајка си.
„Тие се олицетворение за љубов“, велат активистите кои се грижат за повредената мајка.
Доколку Зои преживее, двете нема да бидат вратени на улица. За нив ќе се бара соодветен дом каде што ќе можат да живеат безбедно.