Трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје попладнево, откако затворија кафулињата и рестораните се преполни со посетители. Од синоќа на сила стапи поригорозна мерка за работа на угостителските објекти со која тие мора да затворат во 18 место во 21 часот. Посетителите на „Сити мол“ попладнево велат дека трговскиот почнал да се полни откако затвориле рестораните и кафулињата.
Бенд во живо од три девојки качени на бина во ходникот на трговскиот ги забавува посетителите, а на видеата кои се споделуваат на социјалните мрежи се гледа и дека не се води сметка за одржување дистанца.
Државниот пазарен инспекторат е во итна контрола на трговскиот.
„Имаме дојава за метеж во ’Сити мол’. Екипата која што е најблиску веднаш ќе изврши детална контрола и за метежот и евентуално непочитување мерки за бендот кој во живо ги забавува посетителите“, рече Стојко Паунвски, директор на Државниот пазарен инспекторат за „А1он“.
Од Пазарниот инспекторат велат дека синоќа, односно првиот ден со скратено работно време на угостителските објекти, немало прекршувања, угостителите ја почитувале мерката.
Завчера Пазарната инспекција само во Скопје околу полноќ откри три локали кои работеле по дозволеното време и едно јога студио во кое во 23 часот имало недозволено групирање.