(ВИДЕО) Интервју со Димитриевски: Исклучувам постизборна коалиција со СДСМ, дел од раководството треба да одговара

Од:

Нема да коалицирам со ова раководство на СДСМ после парламентарните избори, вели во интервју на А1он лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и претседателски кандидат, Максим Димитриевски. Тој кажа дека постизборно коалицирање на неговата партија ќе зависи од платформа за заштита на македонските национални интереси која ќе биде основа за понатамошни соработки, со исклучок на актуелната владејачка гарнитура, за која има низа забелешки и смета дека дел од нив треба да одговараат пред правосудните органи.

„Со сите имам принципиелни односи, но во било каков момент исклучувам било каква соработка со ова актуелно раководство на СДСМ, бидејќи тоа ја сноси најголемата одговорност зошто една државотворна партија се трансформираше во партија каква што е денеска, партија која се откажа од крушевските и АСНОМ-ските принципи, тоа е недозволиво. Јас пораснав во таа партија, но за жал ниту тогаш, ниту сега се согласувам со ова и претходното раководство. Ја гледам вината и одговорноста и не гледам соработка со нив. Гледајќи ги нештата помеѓу двата големи субјекти, нема да ме изненади коалиција помеѓу раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во тој случај ЗНАМ ќе остане со граѓаните, ќе бидеме конструктивна коалиција. Во секој случај, одбивам коалиција со ова раководство на СДСМ и многу од тие кои имплементираа власт треба да одговараат“, посочи Димитриевски.

За можни коалиции со било кого, вели дека Движењето ЗНАМ ќе понуди Национална платформа која ќе помогне во делот на имплементација на реално мултиетничко општество.

„ЗНАМ по парламентарните избори, бидејќи сметам дека нема да има влада без овој нов политички субјект, пред да влезе во било какви преговори со партиите, ќе понуди Национална платформа од кои ќе побара истата да ја поддржат и да ја потпишат. Таа платформа ќе помогне и во мултиетничкото општество, бидејќи ако вие не се разберете во македонскиот блок, залудно е да трошите време да формирате мултиетничко општество со другите заедници, иако кај нас се формира биетничко општество“, додаде претседателскиот кандидат од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Смета дека Македонија може да направи напори да се измени преговарачката рамка со Европската Унија и дека иако смета дека местото на државата е во Унијата, тоа не треба да се случи по секоја цена.

„Сите меѓународни договори имаат две страни и арбитер. Од договорот излегуваат и права и обврски. Преспанскиот договор е тој што е, но грчката страна не презема ништо. Треба со нашата дипломатија да дадеме забелешки. Се однесуваме во дипломатијата како недораснати. Јас повеќе имам чувство дека актуелниот министер за надворешни работи е повеќе министер на Косово отколку на Македонија. Во однос на договорот со Бугарија, тој беше скриен од очите на јавноста, мислам дека и денеска не е целосно објавен. Имаше декларација во Собранието на Бугарија и тој стана составен дел од Протоколот. За преговарачката рамка треба да се направат дипломатски напори да се смени, со цел да се заштити македонскиот јазик, идентитет, култура во континуитет и сопствената историја која ја креирале нашите предци. Јас дадов решение како да се реши овој наметнат проблем од страна на Софија. За нас како народ е прифатливо да внесеме и други народи во Уставот, но при тоа да не не негираат, а самите амандмани да стапат во сила откако Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ“, смета Димитриевски.

За кривичните пријави вели дека се притисок и очекува да има ослободителна пресуда, со став немало никакви аргументи за нив. За судството, вели дека е наменско за да служи на поединци кои се во системот, а преку политичка корупција има енормно зголемување на богатството.

„Веќе видено за мене. И за локални избори беше многу слично со многу поголем притисок. За мене само мотив повеќе, а вистината ќе излезе на виделина, веќе реков, и за тие кривични пријави и за тоа судење, ќе се урне како кула од карти пред правото и правдата. Нема никакви аргументи, тука штитам јавен интерес на граѓаните. Симптоматично е, нема во историја на оваа држава ниту еден кандидат, во еден ист месец да биде повикан два пати пред обвинител и два пати на суд. Тоа кажува за нив, а не за мене“, вели Димитриевски.

Во неговата партија ја гледа третата опција која ја бараат граѓаните, со став дека ЗНАМ е поразлична партија од сите други.

„Ги менуваме, си заминуваат едните, доаѓаат другите полоши од нив, па после неколку години пак ќе дојдат истите стари и ќе бидат уште полоши, а граѓанинот е згазен на подот. Излегуваат на избори со празни пароли, ветуваат едно, мислат друго, прават трето и тоа мора да се сопре, Македонија мора да придвижи напред. Ме прашуваат зошто ваква кандидатура, тоа е се со цел да го охрабрам народот“, посочи Димитриевски.

За претседателските, парламентарните избори, ставовите за тоа како може да се средат состојбите во правосудството, надворешната политика и многу други прашања, погледнете го целото интервју на А1он со лидерот на Движењето ЗНАМ, претседателски кандидат и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

Би можело да ве интересира

СДСМ бара Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и понуди предлози за решавање на кризата во Скопје

СДСМ нуди план во три точки за да се реши кризата во Скопје

Филипче: Скопје е во криза, СДСМ иницира итна седница на Совет на Град Скопје

(ВИДЕО) Петровска: ВМРО-ДПМНЕ го одби амандманот за финансиски средства за бранителите

Стојаноска до опозицијата: Немојте да настапувате со различни аршини во зависност од позицијата во Парламентот

СДСМ: Синдикалната кошничка порасна за 772 денари – граѓаните плаќаат за неспособноста на владата