Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски денеска прими делегација од танчерската група „Dancers United MK” која освои шесто место на светското првенство во модерни танци за лица со посебни потреби што се одржа во Грац, Австрија.
Членовите на студиото Дарко, Александар, Ена, Јулијана, Оливер, Моника и Христијан, соопшти Министерството за транспорт и врски, застанаа во редот на 10-те најдобри светски клубови во модерен танц за лица со посебни потреби.
Министерството за труд и социјална политика склучи договор за спонзорство со ,,Dancers United MK” со кој беа покриени најголемиот дел од финансиските потреби на танцовата група со Даунов синдром. Во знак на благодарност од студиото и врачија благодарница на министерката Ташевска-Ременски.
– Оваа Благодарница ми е посебно драга и таа ќе има посебно место во мојот кабинет бидејќи грижата за граѓаните, особено за потребите на лицата на кои нашата помош и нашата подадена рака им е неопходна, претставува сериозна должност и обврска, изјавила министерката Ташевска-Ременски.
На средбата со раководителот на танчерската група и со дел од родителите на децата се разговарало и за идните форми на соработка и поддршка што може да ги даде Министерството за труд и социјална политика со цел поголема вклученост и социјализација на оваа група на деца со посебни потреби.