Предвидено е да се реконструира постоечки објект во Куманово, со кој би се прошириле капацитетите за прием на деца во градинката „Ангел Шајче“ во Куманово, најави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, по денешната средбата со стечајците во Куманово.
– Во планот за јавни набавки постои реконструкција на постоечки објект во Куманово. Има потпишани договори кои си течат, изјави Царовска, одговарајќи на новинарско прашање.
Советниците на општина Куманово на барање на надлежните од јавната детска установа „Ангел Шајче“, вчера на седница дадоа согласност за прием на деца во восптините групи над предвидениот законски број.
Директорката на установата, Марина Алексовска информираше дека до завршување на крајниот рок пристигнале околу 600 барања од родителите за упис во јавната општинска детска градинка „Ангел Шајче“ во Куманово.
Интересот на родителите за згриживање на децата во шесте објекти е поголем за 50 отсто од расположливиот капацитет. Во шестте објекти и двата дневни центри за ран детски развој, сместени во две училишта во Куманово има вкупно 1.804 деца, а расположливиот капацитет изнесува 1.044.