Денеска во 10 часот започнува судењето за случајот „Рекет“. Бојан Јовановски – Боки 13, ексшефицата на СЈО Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец ќе седнат на обвинителна клупа во скопскиот Кривичен суд.
Јовановски ќе биде спроведен од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, додека Јанева и Милески ќе бидат донесени од нивните живеалишта во Скопје каде издржуваат куќен притвор.
Тројцата треба да се произнесат во однос на обвинението за „Рекет“ – неизвесно е дали тие ќе ја признаат вината или ќе го отфрлат обвинителниот акт на тимот од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција предводен од шефицата Вилма Русковска. Агендата за судскиот процес е набиена и веќе се закажани четириесетина рочишта во наредните три месеци.
Случајот „Рекет“ се отвори во јули годинава, кога Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец беа уапсени и завршија во притвор, а на Милески подоцна му беше определен куќен притвор.
Во август беше уапсена и Катица Јанева, под сомнеж дека таа прибавила значителна имотна корист за да му ја олесни состојбата на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во случајот „Империја“. Поради влошена здравствена состојба, и Јовановски и Јанева во последниве месеци често завршуваа во болница, со додека минатиот месец скопска Апелација не ѝ го замени притворот на Јанева со домашен, одлука која предизвика жестоки реакции во јавноста но и отворен судир меѓу Обвинителството и судот.
Случајот „Рекет“ се отвори откако бизнисменот Орце Камчев, осомничен во случајот „Империја“ на СЈО, пријавил дека Јовановски и Милески му барале рекет, а тој им дал 1,5 милиони евра – пари со кои наводно ексшефицата на СЈО Катица Јанева требало да ја олесни неговата положба за случајот за кој тој е осомничен – притворот да му го замени со домашен, да му го врати пасошот и конечно, да му донесе слобода.
За ова, во јавноста беа прикажани видео снимки на кои се гледа како двоецот Јовановски – Милески ги земаат парите во скапа чанта „Луј Витон“ од домот на Камчев. На снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ можеше и да се чуе и како Јанева уклучена на звучник од телефон разговара со осомничениот бизнисмен Камчев и го убедува дека „се ќе биде во ред“.
Истрагата за случајот „Рекет“ во меѓувреме се прошири и кон невладината организација на Јовановски – „Меѓународен сојуз“ и нејзиното финансиско работење. На површина испливаа уплатите на бизнисмените Силјан Мицевски од 726 илјади евра и Ардија Амозски од 260 илјади евра, пари кои наводно со измама биле изнудени за проект за изградба на старечки домови, кој никогаш не бил реализиран. Во оваа истрага меѓу осомничените повторно е Бојан Јовановски како претседател на сојузот, неговиот татко Миле Јовановски, заменик-претседателката на сојузот Јасна Мандиќ, но и потпретседателката на Собранието од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, на која ѝ беа изречени мерки на претпазливост, а партијата времено ја исклучи од функциите додека да заврши процесот.