Зијадин Села и Африм Гаши, лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, кои заеднички настапија на изборите, го одбија предлогот на претседателот на ДУИ Али Ахмети за средба на парламентарните албански партии, која треба да се одржи утре во скопскиот хотел „Парк“ во чест на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Села и Гаши од лидерот на ДУИ, бараат средбата да биде презакажа на 17 август со однапред изготвена агенда, за која, како што велат, партиите треба да ги известат неколку дена порано.
„Коалицијата Алијанса за Албанците и Алетрнатива, во принцип се согласува на ваков формат на состанок. Сметаме дека политичкиот механизам за организирање тркалезна маса е важен политички инструмент за координирање на позициите на албанските парламентарни партии и како таков, сметаме дека треба да продолжи да се култивира за артикулација на албанските интереси во Северна Македонија.
Со цел да се одржи значаен и плоден состанок, би било добро со поканата да има предлог- агенда, за да имаме појасна идеја за причината за организирање на ваква ова средба. Затоа бараме можност за друг датум, почнувајќи од понеделник (17.08.2020) па натака и секако известување неколку дена за закажаниот состанок“, објави лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села на својот Фејсбук профил.
Неизвесно е и дали на утрешната среба кај Ахмети ќе се појави лидерот на Беса Биљал Касами. Од партијата најавија дека одлуката ќе ја соопштат денеска, по одржаниот состанок на партиските органи. Конкретен одговор нема ниту од лидерот на ДПА Мендух Тачи.
Во меѓувреме, ДУИ преку соопштение им се заблагодари на партиите кои изразиле интерес за учество на средбата, иако се уште не е извесно дали некој од лидерите ќе се појави утре во хотелот „Парк“. Засега оттаму нема инфрормација за одложување на средбата, туку уште еден повик да седнат заеднички на маса и да договорат за агенда и можност за идна средба.
„Демократската унија за интеграција им се заблагодарува на сите албански парламентарни партии за коректната комуникација, потврдниот одговор и добронамерните предлози за оваа многу важна средба и поздравена од сите Албанци. Следствено, ДУИ предложи дневен ред за состанокот на 13 август кој што може да биде дополнет и изменет со предлози од сите учесници за време на заедничката средба. Демократската унија за интеграција останува достапна и отворена за натамошни средби во текот на следната недела или на кој било иден датум за кој ќе се договориме заеднички на утрешната средба, четврток, 13 август 2020 година, со почеток во 12:00 часот, во хотелот „Парк“ во Скопје“ информираат од ДУИ.
Средбата што ја организира лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на годишнината од Рамковниот договор треба да се оджи утре во 12 часот и да се разговара за пост изборната состојба. Покани беа упатени до лидерите Африм Гаши – Алтернатива, Билал Касами – Беса, Зијадин Села – Алијанса за Албанците.