Електронска и писмена размена на податоци за поефикасно спроведување на социјалната политика и на заштитата на правата на децата е целта на Mеморандумот за соработка што денеска го потпишаа министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Гордана Јанкулоска и Спиро Ристовски.
Зајакнувањето на соработката во овој сегмент, како што изјавија Јанкулоска и Ристовски, ќе го олесни пристапот на граѓаните до услугите, но и ќе ги минимизира можностите за евентуална злоупотреба од нецелосно или лажно, неправилно аплицирање при барањето социјална помош.
– Преку размена и многу попрецизна проверка на податоците ќе придонесеме за поефикасно спроведување на правата на граѓаните, како и за намалување на можноста од злоупотреби особено во случаи кога граѓаните доставуваат нецелосно точни податоци за да остварат права кои не им припаѓаат, рече Јанкулоска по потпишувањето на Меморандумот.
Со ваквиот начин на меѓуинституционална соработка, додаде Ристовски, министерствата ќе си разменуваат податоци за документите кои корисниците на социјална помош досега беа должни самостојно да ги обезбедат од МВР и да ги достават до надлежните центри за социјална работа, потврда за поседување регистрирано моторно возило, потврда за постојано место на живеење, како и потврда за постојано место на живеење во Македонија последните три години пред поднесување на барањето.
Во насока на комплетно реализирање на едношалтерскиот систем чија крајна цел е олеснување на постапките за остварување и користење права од социјалната сфера, Министерството за труд досега има потпишано меморандуми за соработка и со Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар, Фондот на ПИОМ, Агенцијата за вработување и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството.